Житие: Светиот свештеномаченик Дионисиј Ареопагит
Се вбројува во Седумдесеттемина помали апостоли. Овој прекрасен маж беше од угледно нензабожечко семејство од Атина. Откако заврши фиолсофска школа во Атина, отиде во Мисир за да учи уште. Во тоа време еден ден на Крстот издивна Господ Исус Христос и сонцето се помрачи и во Мисир беше темно три часа. Тогаш Дионисиј возвикна: „Или Бог, Создателот на светот страда или овој свет завршува.“ Кога се врати во Атина се ожени со Дамара и со неа имаше синови. Беше член на највисокиот суд кај Грците, наречен Ареопаг, заради што и го доби називот Ареопагит. Кога апостолот Павле го проповедаше Евангелието во Атина, Дионисиј со целиот свој дом се крсти. Од Павле беше посветен за епископ Атински, бидејќи ги остави жената и децата и положбата во општеството заради љубовта Христова. Доволно долго патуваше со Павле и ги запозна останатите Христови апостоли. Отиде во Ерусалим со цел да Ја види Пресвета Богородица и средбата со Неа ја опиша во едно од своите дела. Беше и на погребот на Пречистата заедно со другите апостоли. Кога неговиот учител Св. Павле пострада маченички, Дионисиј посака и за себе таква смрт. И отиде да го проповеда Евангелието меѓу варварите во Галија, заедно со презвитерот Рустик и ѓаконот Елефтериј. Многу претрпе, но и многу успеа. За неговиот труд многумина незнабожци се обратија кон верата Христова. Во Париз Дионисиј изгради малечка црквичка во којашто Му служеше служба на Бога. Кога имаше деведесет години, го фатија и го мачеа за Христа, заедно со Рустик и Елефтериј, додека најпосле не ги убија со меч сите тројца. Отсечената глава на Свети Дионисиј отскокна на големо растојание и падна пред една христијанка Катула, којашто заедно со неа чесно го погреба и телото. Тој пострада во времето на Дометијан во 96 година. Напиша значајни дела: за таинственото богословие, за небесната и црковната хиерархија, за Пресвета Богородица.
Тропар
Ревнителу за вистината, Дионисие, ученику на великиот Павле, трагачу по бесмртноста, помазанику Христов, тебе мудрост Господ ти подари кога го виде твоето срце спремно за Него, ти кој стана откровение на Божјиот домострој, животот вечен го наследи, а за нас, предавајќи ни го твоето тело моли се до Небесната Црква да стигнеме.