Житие: Светиот свештеномаченик Атиноген, епископ Севастиски во Ерменија
Живееше во еден манастир близу градот со десетмина ученици. Во времето на Диоклецијан во Севастија дојде Филомарх, лут мачител на христијаните. И ги испофаќа и уби мнозина христијани од градот. Кога тој Филомарх ги виде Атиноген и неговите ученици, му рече на Старецот да им принесат жртви на идолите за да не загинат како што пострадаа другите христијани. Атиноген му одговори: „О мачителу, тие што ги нарекуваш загинати не се загинати, туку на небото ликуваат со ангелите.“ Се памети трогателна глетка со една срна, којашто порано се хранела од рацете на Атиноген, а кога го видела во неволја, притекнала кај него и пролевала солзи. И горските ѕверови имаа повеќе сострадалност кон Христовите маченици отколку незнабожците. После тешки мачења, при коишто ангел Господов ги ублажуваше мачениците, сите беа убиени со меч: најпрво свештениците и сотрудниците на Атиноген, а потоа и самиот Атиноген. Во небесната татковина се преселија во 311 година.
Тропар
Нема ученик поголем од својот учител, но радоста учителска е потполна кога ученикот ќе го продолжи делото, Христе Боже наш, Атиноген свет со своите ученици како јагниња на колење беа испратени, а од нивните усти се излија зборови благодарни; прими н?, Боже, и нас по нивните молитви како ученици и исповедници на Љубовта.