Пролог: Преподобен Памво
 

 

Житие: Преподобен Памво

Календар, житија, пости
Почеток
 
Мисирец и подвижник на Нитриската Гора. Современик на Св. Антониј Велики и самиот голем во монашките подвизи. Беше познат особено по две особини: со долго вежбање го заклучи својот јазик да не каже ниеден излишен збор и никогаш не јадеше друг леб освен оној што го заработи плетејќи рогозини со своите раце. Беше сличен на ангел Божји и на старост лицето му светеше како некогаш на Мојсеј, така што монасите не можеа да го гледаат в лице. Ни на најпростите прашања не даваше брз одговор, без претходно да се помоли во срцето и да размисли. Еднаш Александрискиот патријарх Теофил ги посети монасите во Нитрија. Тогаш монасите го молеа Памво: „Кажи му на отецот слово за наѕидување за да му биде на полза“. Молчаливиот Памво одговори: „Ако моето молчење не му е од полза ни моето слово нема да му биде“. Патуваше еднаш Свети Памво со монасите по Мисир. Кога наидоа покрај некоја група луѓе што седеа додека монасите минуваа крај нив, Свети Памво им рече: „Станете и поздравете ги монасите за да примите благослов од нив, зашто тие непрестајно беседат со Бога и нивните усни се свети“. Овој прекрасен светител проѕираше јасно во судбините на мртвите и на живите луѓе. Се упокои во Господа во 386 година.

Тропар
Испосниче Христов, усто замолкната но секогаш за збор Господов спремна, срце очистено кое на Бога само се надева, Памво оче свет преподобен, моли се за нас сиромавите, со молитва од духот твој облагодатен, незамолчливо, непрестајно пред Христа Бога.