Житие: Светиот маченик Бонифациј
Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител. Тоа го покажува примерот на Свети Бонифатиј. Тој најпрво ѝ беше слуга на некоја богата и развратна жена во Рим, Аглаида, со којашто имаше нечиста и незаконска врска. Обајцата беа незнабожци. Еднаш Аглаида посака да има во куќата маченички мошти и да ги чува како амајлија што штити од зло. Затоа го прати својот слуга во Азија, за да најде и да ѝ купи мошти. Бонифатиј зеде со себе неколкумина робови и доста богатство, а при разделбата ѝ рече на својата господарка: „А ако не можам да најдам никаков маченик и ако ти го донесат моето тело, госпоѓо, пострадано за Христа, ќе го примиш ли со чест?“ Аглаида се насмеа и го нарече пијаница и грешник. Така се разделија. Кога дојде во градот Тарс Бонифатиј виде мнозина христијани на маки: едни со отсечени нозе, други без раце, трети избодени, четврти на бесилки итн. Нему му се измени срцето, се покаја за својот грешен живот и заплака. И сред христијанските маченици возвикна: „И јас сум христијанин!“ Судијата го подложи на маки, нареди и грозно го биеја, потоа му истурија врело олово во устата и бидејќи тоа не го повреди - му ја отсекоа главата со меч. Робовите го зедоа неговото тело и го однесоа во Рим. Ангел Божји ѝ се јави на Аглаида и ѝ рече: „Прими го оној што некогаш ти беше слуга, а сега ни е брат и сослужител; тој ти е чувар на душата и заштитник на животот“. Ужасната, Аглаида излезе во пресрет, го прими телото на Бонифатиј, му изгради црква и во неа ги положи моштите на маченикот. Таа потоа се покаја, им го раздаде сиот свој имот на бедните, а самата се повлече од светот и поживеа уште петнаесет години во горко покајание. Свети Бонифатиј пострада во 290 година.