Пролог: Свети Пречистански преподобномаченици
 

 

Житие: Свети Пречистански преподобномаченици

Календар, житија, пости
Почеток
 
Кон средината на XVI век, монашкото братство од манастирот „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“,во Кичево, станало вистинска утеха и крепост за напатениот народ, кој страдал под тешкото османлиско ропство. Гласот за нивната слава и духовна сила допрел и до злонамерните Агарјани, па тие на 27 март 1558 година со сета своја јарост се упатиле кон светата Богородична обител. Браќата заедно со присутните мирјани биле собрани, како и обично, во храмот на заедничка Литургија. За време на херувимската песна, отец Аверкиј, кој морал да исполни некое послушание надвор, втрчал во храмот и известил дека кон манастирот се приближува многуброен, насилнички османлиски аскер. Тогаш преподобниот старец Евнувиј, заедно со уште двајца монаси Пајсиј и Аверкиј, подготвени да примат маченички венец, останале во манастирот, а останатите монаси и мирјани заминале во шумата и таму пронашле безбедно место за да ја довршат Литургијата. По службата, откако се увериле дека Агарјаните биле заминати, монасите се вратиле и тука затекнале страшна и тажна глетка: сe било уништено, храмот бил во пламен, а на местото ??сподинец, близу манастирската чешма, лежеле телата на тројцата маченици. Откако непоколебливо одбиле да се приклонат кон иноверното учење и пред разбеснетите Агарјани ја исповедале својата силна вера во Спасителот Христос, тие биле страшно измачувани и примиле маченички венец. Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител не се распуштила, туку продолжила со својата монашко-просветна дејност. Така, за шест години бил соѕидан нов храм од камен.

Тропар
Подигнувајќи го крстот Господов на плеќите, животот подвижнички со меч го запечативте. Евнувие славен атлете, Пајсие на мачениците подражателу, и Аверкие христодушен подвижнику, нечестието го изобличивте; затоа пред Христа застапете се и нам да ни ја дарува, со силата на Духот Божествен, посакуваната рајска светлина.