Пролог: Светиот маченик Евпсихиј
 

 

Житие: Светиот маченик Евпсихиј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Од благороден род и добро воспитан во благочестивата вера. Во времето на царот Јулијан Отстапник, кога во Кесарија со Црквата Божја управуваше Св. Василиј Велики, Евпсихиј стапи во брак со една угледна девојка. Но не му беше дадено да поживее во брак ниту еден ден. Зашто во времето на неговата свадба се погоди незнабожечкиот празник на принесување жртви на идолот Фортуна. Евпсихиј отиде со другарите и ги искрши сите идоли во храмот, па и самиот храм го разори. Кога слушна за ова царот Јулијан многу се разгневи и нареди виновниците да се убијат, многубројни христијани да се земат за војска, да им се наложи огромен данок на христијаните, на нивна сметка повторно да се изгради храмот на Фортуна, а на градот да му се одземе почесното име Кесарија (кое му го беше дал кесарот Клавдиј) и да се нарече со поранешното име Маза. Свети Евпсихиј најпрво го врзаа за дрво и страшно го мачеа, а потоа го убија во 362 година. Малку потоа свирепиот цар Јулијан патувајќи за Персија го посети овој град, а одеше во војна. Во пресрет му излезе Св. Василиј и во знак на почест и гостопримство изнесе три јачмени лебови. Царот нареди и на светителот како дар му дадоа грст сено. „Ти нам ни се подбиваш цару. Ние ти принесуваме од лебот со којшто се храниме, а ти нам ни даваш скотска храна, којашто ти со својата власт не можеш да ја претвориш во човечка“. На ова царот му одговори: „Знај дека со тоа сено ќе те хранам кога ќе се вратам од Персија!“ Но злобниот отстапник никогаш повеќе не се врати жив од Персија, зашто загина со заслужена и неприродна смрт.

Тропар
Од твоето срце за Христа спремно пламен ревносен излезе, о Евпсихие свети мачениче, ја запали лагата од овој свет, осветлувајќи ги бездните на темнината со факелот што гори, осветлува а не согорува, о свет мачениче, издигнат во верата од Василиј Великиот, моли Го Христа Бога да погледне на нашите души раслабени.