Пролог: Преподобен Макариј Велики
 

 

Житие: Преподобен Макариј Велики

Календар, житија, пости
Почеток
 
Мисирец, еден од помладите современици на Антониј Велики. Татко му беше свештеник. Од послушност кон родителите се ожени, но жена му набрзо умре, а тој се оддалечи во пустина, каде што помина полни шеесет години во труд и во борба, внатрешна и надворешна, за Царството Небесно. Кога го прашаа зошто е толку сув и кога јаде и кога не јаде, одговори: „Од стравот Божји“. Толку успеа да си го очисти умот од злите помисли и срцето од зли желби, што Бог го дарува со изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснуваше од гробовите. Неговото смирение ги восхитуваше и луѓето и демоните. Еднаш демонот му рече: „Само во едно нешто не можам да те надвладеам; тоа не е постот, зашто јас никогаш не јадам; не е бдеењето, зашто не спијам никогаш“. „А што е?“, праша Макариј. „Твоето смирение“, му одговори демонот. На својот ученик Пафнутиј Макариј често му говореше: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“. Живееше деведесет и седум години. Девет дена пред смртта му се јавија од оној свет Св. Антониј и Св. Пахомиј и му навестија дека за девет дена ќе умре, што и се случи. Уште пред самата смрт му се јави херувим, којшто во видение му го откри блажениот небесен свет, ги пофали неговиот подвиг и добродетели и му рече дека е испратен за да ја земе неговата душа во Небесното Царство. Се упокои во 390 година.

Тропар
Висино која си и за очите ангелски недостижна, деца духовни роди во пустината, ангели надминаа со својата чистота. О, Макарие велики, Божја пофалбо, бестрастие постигнато, благодат врз благодат подарена, силата Христова во тебе вдомена, мртви воскреснуваше, губави очистуваше, и Бога прославувајќи Го, името твое на Небесата се запишуваше. Славен си, Господи, во Своите светии во вечни векови.