Пролог: Светиот свештеномаченик Елевтериј
 

 

Житие: Светиот свештеномаченик Елевтериј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Овој прекрасен светител имаше родители благородни и од прочуен род. Беше роден во Рим, каде што татко му беше воен антипат. Мајка му Антија го слушаше Евангелието од самиот апостол Павле и од него беше крстена. Бидејќи рано остана вдовица, го даде својот единец син на учење и служба кај римскиот епископ Аникита. Бидејќи го виде Елевтериј надарен од Бога и просветлен со Божествената благодат, во петнаесеттата година епископот го ракоположи за ѓакон, во осумнаесеттата за свештеник, а во дваесеттата за епископ. Божетсвената мудрост го надополнуваше кај Елевтериј она што му недостасуваше во годините. Овој богоугодник беше поставен за епископ на Илирија со седиште во Валона (Авлона) Албанска. Своето стадо го чуваше како добар пастир и секојдневно го умножуваше. Христогонителниот цар Адријан испрати некој војвода Феликс со војници за да го фатат и доведат Елефтериј во Рим. Кога јаросен Феликс стигна во Валона и влезе во црквата, го виде и го чу светиот Божји архиереј и одеднаш неговото срце се измени и стана христијанин. Елевтериј го крсти и тргна со него во Рим, одејќи весело како да оди на гозба, а не на суд и маки. Царот му наложи лути истизавања на овој благороден Елевтериј: биење, печење на железен кревет, варење во смола, горење во огнена печка. Но Божествената сила го избави маченикот од сите смртоносни измачувања. Кога го виде ова, римскиот епарх Корив и самиот изјави дека е христијанин. Корив беше мачен и убиен со меч. Исто така и блажениот Феликс. Најпосле царските џелати ја отсекоа и чесната глава на Свети Елевтериј. Кога неговата света мајка Антија дојде над мртвото тело на нејзинот син, и таа беше убиена. Нивните тела ги пренесоа во Валона, каде што Св. Елевтериј до денешен ден чудесно го прославува Христовото име. Пострада во времето на Адријан, во 120 година.

Тропар
Свети свештеномачениче Елевтерие, ти кој ѕверови скротуваше, со благодат Божја срца човечки лекуваше, Христос преку тебе луѓе во ангели приведе и Неговото име се прославуваше, моли го Него, о велики учителе, нашите срца со Неговото име да бидат запечатени.