Пролог: Светите Седум Херсонски свештеномаченици: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон
 

 

Житие: Светите Седум Херсонски свештеномаченици: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон

Календар, житија, пости
Почеток
 
Сите овие беа епископи во Херсон во разни времиња и сите пострадаа (само Етериј умре мирно) од неверниците, било од Евреите било од Грците или од Скитите. Овие епископи одеа во тие диви краишта како мисионери за да ја пренесат евангелската светлина. Сите беа намачени и пострадаа за својот Господ. Василиј го воскресна синот на еден кнез во Херсон, што ги огорчи Евреите, па го обвинија. Го врзаа за нозете и го влечеа по херсонските улици дури не ја испушти душата. Ефрем го убија со меч. Евгениј, Елпидиј и Агатодор ги биеја со стапови и со камења с ? дури не Му ги предадоа своите души на Бога. Етериј поживеа во времето на Константин Велики, па во мир и слобода управуваше со Црквата, изгради голем храм во Херсон и се упокои мирно. Кога последниот од нив, Капитон, го испратија за епископ во Херсон, дивите Скити од него побараа знак за да поверуваат. И му предложија да влезе во огнена печка, па ако не изгори тие сите ќе поверуваат во Христа. Со топла молитва и со надеж во Бога Капитон го положи архиерејскиот омофор на себе, се прекрсти и влезе во вжарената печка држејќи го умот во срцето воздигнат кон Бога. И во пламенот постоја околу еден час без никаква повреда на телото и на облеката, па излезе оттаму здрав. Тогаш сите повикаа: „ Еден е Бог, Бог на христијаните, велик и силен, Кој го сочува слугата Свој во огнената печка!“ И се крсти сиот град и околината. За ова чудо многу се зборуваше на Никејскиот Собор. И сите Го прославија Бога и ја пофалија цврстата вера на Св. Капитон. А на Капитон му се случи по патот да го фатат на реката Дњепар незнабожечки Скити и во реката го удавија. Овие епископи пострадаа во почетокот на 4 век.

Тропар
Пофалба и поклони пред вас денес Црквата вознесува, о свети отци наши Херсонски, вие кои ширејќи го словото Божјо маченички пострадавте, патот кон спасение за нас отворивте, Ефреме и Василие, Евгение и Елпидие, Агатодоре, Етерие и Капитоне, молете Го Милостивиот Господ да ги помилува нашите души.