Пролог: Светиот маченик Гордиј
 

 

Житие: Светиот маченик Гордиј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Роден е во Кесарија Кападокиска. Беше офицер во римската војска во времето на царот Ликиниј. Но кога настана страшно гонење на христијаните, ја остави војската и чинот и се оддалечи во Синајската пустина. Осамен на планината Хорив времето го поминуваше во молитва и размислување за тајните на небото и земјата. Особено размислуваше за суетата и ништотноста на овој свет, околу што луѓето се мачат и се борат на земјата и најпосле посака да умре за да се пресели во непропадливиот живот. Со таа желба тој слезе во градот во време на некои незнабожечки трки и игри. Му се пријави на градоначалникот како христијанин. Овој залудно го одвраќаше од верата со ласки и со закани. Гордиј остана непоколеблив и тврд како дијамант и говореше: „Зарем не е безумство со овој пропадлив живот да се купува вечната мака и погибел на душата?“ Осуден на смрт радосно иташе кон губилиштето и патем им говореше на џелатите за скапоцената Христова наука. Со Исусовото име на усните го предаде своето младо тело на меч, а праведната душа на Бога, во 320 година.

Тропар
Од тркалиштето на овој свет, во мирни води на небесното царство, те приведе Христос, о Гордие свети мачениче, нам ни остави светол пример на исповедник, кој верата во човека ја засилува, затоа за нас моли се да не ослабиме во искушенијата кои светот ни ги подметнува.