Житие: Светите маченици Зинон и Зина
Свети Зинон беше римски офицер во градот Филаделфија Арабиска, а Зина му беше слуга. Кога настана гонењето на христијаните во времето на царот Максимијан, Свети Зинон се осмели и излезе пред војводата Максим пред кого ја исповедаше својата вера во Едниот Жив Бог и го посоветува да ги остави мртвите идоли и да ја прими единствената вистинита вера. Војводата се налути и го фрли во затвор. Овде Зинон беше посетен од верниот слуга Зина, при што и него го фатија и го уапсија. Потоа обајцата беа мачени за Христа и најпосле фрлени во оган, во којшто незнабожците долеваа масло. Нивните души се венчаа со невенливи венци во Христовото Царство, а телесните остатоци им ги погребаа во црквата на Свети Георгиј во местото наречено Кипарисион.
Тропар
Трпението ваше како подвиг бестелесен го прими Христос нашиот Бог и затоа благодатта на голем подвиг маченички ве ободри, о Зиноне и Зино. Овенчани со венци маченички нетрулежни, радувајте се сега во Небесното Царство и за нас молете се да се спасат нашите души.