Житие: Светата маченичка Теодула
Пострада за Христа во времето на нечестивиот римски цар Диоклецијан. При мачењето Теодула го вразуми еден од мачителите, Еладиј, и го приведе кон Христовата вера. Кога Еладиј јавно ја исповеда својата вера во Христа, го убија со меч. На судот Теодула се држеше многу храбро, а за ова судијата ја нарекуваше безумна. Затоа Теодула му рече: „Безумни сте вие што Го заборавивте единствениот вистинит Бог, а им се поклонувате на мртвите камења“. Судијата ја подложи на тешки маки, а нив Теодула ги издржа храбро и со оваа храброст во маките многумина ги восхити и ги обрати кон Христа. Меѓу нив беа и двајца угледни граѓани, Макариј и Евагриј. Нив двајцата и мнозина други ги фрлија заедно со Света Теодула во усвитена печка. Така го завршија земниот живот и се удостоија со Христовото царство.
Тропар
Славејќи ја победата на животот над смртта, блажена маченичке Теодуло, ја разреши гордоста демонска, и сите нe поучи да се надеваме на Бога. Денес, утврдени од радоста твоја во Христа, те молиме твоите молитви да ни бидат сопатници, на патот до Небесното Царство.