Пролог: Свети Маркијан
 

 

Житие: Свети Маркијан

Календар, житија, пости
Почеток
 
Роден е во Рим, но како презвитер до крајот на својот век го проживеа животот во Цариград, поголемиот дел за време на царувањето на Маркијан и Пулхерија. Откако наследи големо богатство од родителите, тој целото го потроши за обновување и изградба на храмови и милостињи на сиромасите. Изгради две нови цркви во Цариград, прочуени по убавината и светоста: на Св. Анастасија и на Св. Ирина. Кога го прашаа зошто толку многу троши за црквите, одговори: „Кога би имал ќерка и би сакал да ја омажам за некој благородник, зарем не би потрошил многу злато за да ја украсам како достојна невеста? А овде ја украсувам Црквата, невестата Христова“. Колку пак овој прекрасен маж беше милостив кон црквите и кон сиромасите толку беше тврд и многу тврд кон самиот себеси, следејќи го советот апостолски: А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни (1 Тимотеј 6, 8). За него пишува: „Сиот беше во Бога и Бог беше во него и се престави кај Господа исполнет со години и добри дела“, во 471 година.

Тропар
О Маркијане, оче преподобен, од Бога посиновен, од ангелите пофален, од светителите почитуван, цареви преку тебе се смирија, а демоните трепереа од силата, која Господ преку тебе ја покажа. Паствата се восхитува на твојот живот во Христа, Бога Го прославува, и на твоите молитви се надева, очи наш свети преподобен.