Англосаксонка по раѓање. Во 641 година света Батилда ја заробиле данските завојувачи и ја продале на Ерхиноалд, главен чиновник во палатата на Кловис II, крал на Франките. Мошне брзо ја засакале поради нејзината убавина и благата и кротка природа. Била омилена и меѓу останатите слугинки, зашто им правела многу добрини: им ги чистела чевлите, им ги крпела облеките. Поради таквата природа на сите им станала омилена. Чиновникот, одушевен од нејзините особини, посакал таа да му стане жена, но Батилда, насетувајќи ги неговите намери, од скромност и смирение се облекла во стара и искината облека, и се сокрила меѓу слугите од најнизок ранг. Така, откако не ја нашол, помислил дека таа заминала, па за жена си одбрал некоја друга. Следниот додворувач бил самиот крал, кој ја забележал нејзината убавина и ? изјавил љубов. Во 649 година, деветнаесетгодишната робинка Батилда станала кралица на Франција. Родила три сина: Клотер III, Килдерик II и Теодориц III – сите подоцна станале кралеви. По смртта на Кловис (околу 655 година), била назначена за регент во име на најстариот син, кој имал само пет години, и осум години успешно управувала заедно со свети Елеигиј, кој бил нејзин советник. Света Батилда основала и многу манастири, меѓу кои Корби, Сен Дениз и Шеле. Градела и болници, дури го продала и својот накит за да им помага на бедните. Конечно, кога Клотер станал полнолетен, таа се повлекла во манастирот во Шеле, близу Париз, каде што служела со другите монахињи, подвизувајќи се во смирение и послушание кон игуменијата како најпоследна меѓу сестрите. Се упокоила во 680 година, во Шеле, пред да наполни 50 години.