Пролог: Свети Григориј Чудотворец, епископ Неокесариски
 

 

Житие: Свети Григориј Чудотворец, епископ Неокесариски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Божји човек и силен чудотворец, нарекуван втор Мојсеј. Роден од незнабожни родители, но угледни и богати, Григориј најпрво ги изучи елинската и мисирската (т.е. египетската) философија, но откако ја позна нејзината залудност и недоволност се обрати кон христијанските учители, особено кон Ориген во Александрија, кај кого учеше неколку години и од кого прими Крштение. Чист по душа и тело тој сакаше сиот себеси да Му се посвети единствено на Христа, заради што се оддалечи во пустина, каде што долго време помина во мачни подвизи. Славата за него се пронесе насекаде и Федим, епископот Амасиски, сакаше да го посвети за епископ Кесариски. Проѕорливиот Григориј ја забележа Федимовата намера, па се криеше по пустината од неговите пратеници, за да не го најдат. Најпосле Федим го посвети на чудесен начин и Григориј мораше да ја прими архипастирската служба. Му се јави Пресвета Богородица со Св. Јован Богослов и на заповед од Богородица Св. Јован му го предаде Симболот на Верата познат под името Григориев. Кој ќе ги изброи чудата на овој втор Мојсеј? Им заповедаше на злите духови, заповедаше над горите и над водите, ги лечеше сите маки и болести, пред гонителите стануваше невидлив, ги проѕираше на далечина не само настаните туку и мислите на луѓето. Земниот живот го заврши во 270 година, во длабока старост. Кога дојде за епископ во Кесарија го затекна сиот град незнабожечки и само седумнаесет христијани во него. А кога си заминуваше од овој живот го остави сиот град христијански, а само седумнаесет незнабожци во него. За ова прими венец на слава од својот Господ.

Тропар
Ревнувајќи во молитвата, искупи чудесни дејствија и така стана истоименик на исправувањето, затоа моли се на Христа Бога, оче Григорие, да ги просветли нашите души за никогаш во смрт да не преминеме.