Житие: Свети Иларион Мегленски
Роден е од угледни и побожни родители. Неговата бездетна мајка долго Му се молеше на Бога да ? даде едно дете и по нејзините молитви ? се јави Пресвета Богородица и ја утеши со зборовите: „Не тагувај, ќе родиш син и тој многумина ќе обрати кон светлоста на вистината.“ Кога Иларион имаше три години, од неговите усни непрестајно се слушаше песната: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот!“ Добро школуван, тој се замонаши во својата осумнаесетта година и основа манастир со типикот на Св. Пахомиј. Трновскиот архиепископ Евстатиј во 1134 година го ракоположи за епископ Мегленски. Св. Иларион речиси сиот живот водеше голема борба против богомилите и против ерменските еретици. Но со својата духовна ученост и со својата светост неспоредливо ги посрами сите и мнозина од нив ги приведе кон Православието. Се упокои мирно во Господ во 1164 година.
Тропар
Откако се јави како чудо на уверувањето, си засветлил со делата на Божјите добродетели; си ги водел монашките заедници, си ги исчистил архиерејските седишта; откако не се поколеба од еретичките напади, си ја воздигнал Црквата Христова, преподобен Иларионе. Откако умре спиејќи, твоето тело остана сочувано цело и нераспадливо, и дава исцеленија на болни од разни болести, и прогонува демони. Поради ова те молиме: Моли се, да се спасат душите наши.
Кондак
Како светлоносен се покажа твојот спомен, архиереју, го растера мракот на очајанието, и блесна светлината на небесните дарови, сите на радост повикувајќи ги, зашто си примил благодат од Бога, Иларионе, и си бил скала на монасите.