Житие: Преподобен Јован Кушчник (Колибар)
Роден е во Цариград во времето на царот Лав I од богати и угледни родители. Им беше единец на своите родители. Поттикнат од наклоноста кон духовниот живот младиот Јован тајно побегна со еден монах во некој манастир во Мала Азија. Во тој манастир тој помина шест години во преголемо воздржание, молитва и послушност кон игуменот. Тогаш на него навали ѓаволот со искушение дека треба да го остави манастирот и да им се врати на своите родители и кај нив да живее како благородник. Тој навистина се врати во домот на родителите но облечен како просјак, ги виде своите родители само не сакаше да им се јави како син, туку како просјак се насели во нивниот двор, живеејќи речиси од трошките што му ги дофрлаа слугите и трпејќи многу потсмевања од сите и од секого. Така поживеа три години молејќи Го Бога да ги спаси душите на татко му и мајка му. Кога се разболе и ја почувствува близината на смртта, им се јави на родителите, кои го препознаа по едно скапоцено Евангелие што му го подарија во детството и коешто тој го чуваше кај себе како единствен свој имот. И така овој млад човек, иако многу богат, си ја спаси душата, ги спаси душите на своите родители, го победи ѓаволот и се упокои во Господ околу 450 година.
Тропар
О Јоване, Јоване, љубов која раѓа трпение, Христов ученик, за демонот врв недопирлив, молитвата твоја карпи растопува и Бога Го умилостивува. Затоа и нас не нe заборавај сега, ти кој пребиваш во небесната широчина, насладувајќи се од непропадливата мана.