Житие: Свети Јаков, епископ Нисибиски
Живееше како отшелник во лето на отворено поле, а зимно време во пештера. Еднаш слезе во градот Нисибија за да види како успева верата христијанска и како живеат христијаните. Но тука го избраа за епископ. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор и го заштитуваше Православието од Ариевата ерес. Се случи еднаш незнабожните Персијанци со војска ја нападнаа Нисибија. Свети Јаков излезе со литија на градските бедеми и самиот се искачи на бедемот и шеташе по него не плашејќи се од непријателските стрели што беа управени на него. Шетајќи така светителот Го молеше Бога да го сочува градот и верните во него така што ќе испрати муви и комарци врз Персијанците за да ги изгонат од нисибиските бедеми. Не бараше смрт на непријателите ниту друга погибел или пораз, туку една малечка здодевност што би ги истерала оттаму. И Бог ја услиши молитвата на Својот угодник и испрати многу муви и комарци врз Персијанците, та нив ги изгони, а градот Нисибија го спаси. Свети Јаков поживеа долго и чесно, а во длабоката старост се упокои мирно, во 350 година.
Тропар
Радувај се, народе, за кого пред Господа Јаков свети се моли, подвижникот Христов, скротувачот на пустината, со Божја благодат телото го смири, епископ милостив и праведен застапник пред угнетените постана. Бог така прославувајќи го, за нас светило пред престолот Господов остана, од кое Христос срцата ни ги осветлува.