Пролог: Преподобен Паисиј Светогорец
 

 

Житие: Преподобен Паисиј Светогорец

Календар, житија, пости
Почеток
 
Преподобен Паисиј (крштелно име Арсениј Езнепидис) се родил на 25 јули 1924 година (по стар стил) во населбата Фараса, Кападокија (Мала Азија). При размената на населението (во 1924 г.), како дете бил однесен во Грција. Неговите родители се населиле во гратчето Коница, каде идниот Старец израснал и стекнал основно образование. Уште од детски години Арсениј живеел како подвижник. Се оддавал на постојана молитва и истовремено се трудел да развие во себе љубов и смирение. Како момче го изучил дрводелскиот занает, сакајќи и во тоа да биде сличен на Христос. Кога во Грција почнала Граѓанската војна (1944 – 1948), Арсениј Езнепидис бил повикан во армијата, каде што служел три и половина години. Во армијата го продолжил подвижничкиот живот, одликувајќи се со смелост, самопожртвуваност и сестраност. Откако го отслужил воениот рок, Арсениј стапил на патот на монашкиот живот. Отец Паисиј се подвизувал на Света Гора, во манастирот Стомион, во Коница, и на Синај. Многумина оделе кај Старецот и наоѓале раководство и утеха, исцеление и мир за своите напатени души. Старец Паисиј Светогорец цели денови неуморно ја исцелувал болката на луѓето, ширејќи околу себе божествена утеха. На 12 јули 1994 година (по граѓанскиот календар), по навистина маченички страдања, кои, според зборовите на самиот Старец, му донеле поголема полза отколку подвижничкото дејствување од целиот дотогашен живот, тој починал во Господ. Место на неговиот блажен крај станал манастирот Свети Јован Богослов, близу населбата Суроти, крај Солун.