На крајот од Неговиот земен живот, нашиот Господ Исус Христос им заповеда на Своите ученици и апостоли: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28, 19). На празникот Педесетница оваа проповед на сите народи беше пројавена во духовниот дар на „јазици“, кога зборовите на апостолите слушателите по чудо ги слушаа на своите сопствени јазици. Од тоа време „дарот на јазици“ е крајно редок, но беше заменет со усрдноста на православните мисионери да го научат јазикот и културата на народот на кој му проповедаат, проповедајќи му го Евангелието на неговиот мајчин јазик и во неговиот културен контекст, без притоа да се прават компромиси со Верата.
Ваквите мисионери Православната Црква често ги нарекува „рамноапостолни“, односно оние кои се трудат со ревноста и на начинот на првите апостоли. Вакви познати светители се светите Методиј и Кирил, просветителите на Словените од 9. век. Понеодамнешен пример за ваков светител е свети Николај, кој му ја донесе светлината на Православието на јапонскиот народ.
Иван Дмитриевич Касаткин е роден на 1 август 1836 г., во селото Берјожа, Белска област, Смоленски регион во Русија. Неговиот татко, ѓаконот Дмитриј Касаткин, имал четири деца: Гавриил (кој починал во раното детство), Олга, Иван и Василиј. Кога Иван имал 5 години, неговата мајка починала, а неговата постара сестра Олга, чиј сопруг служел како ѓакон во селска црква, ја презела грижата за децата. Идниот архиепископ и светител учел во црковното основно училиште во Белск, а потоа во Смоленската семинарија. Откако дипломирал како првенец, во 1856 г. добил државна стипендија за студии на Богословската академија во Санкт Петербург.
Пролетта 1860 г. во Академијата било истакнато соопштение во кое се барало дипломец да служи како главен свештеник во црквата на Руската амбасада во Јапонија. Прочитувајќи го соопштението, младиот Николај отишол на Вечерна богослужба, каде што одеднаш добил желба да замине во Јапонија. Тој го пополнил барањето со намера да служи како монах, а не како оженет свештеник.
На 21 јуни 1860 г. Иван Касаткин бил потстрижан во монаштво со името Николај. Бил ракоположен за јероѓакон на 29 јуни, а за јеромонах наредниот ден. Тогаш тргнал на долгиот пат до Јапонија. Јеромонахот Николај ја поминал зимата 1860/61 во Николаевск на реката Амур, каде што Епископот на Камчатка Инокентиј (Венјаминов), идниот светител, просветител на Сибир и Аљаска и Митрополит Московски, го поучувал младиот мисионер. Свети Николај ги помнел овие разговори со владиката Инокентиј до крајот на својот живот. Токму свети Инокентиј ја разбудил ревноста кај младиот мисионер да ги научи јазикот и културата на Јапонија.
По едногодишно патување, во јуни 1861 г. јеромонахот Николај пристигнал во пристаништето Хакодате. Во времето на неговото пристигнување, средновековната повелба од 1614 г. со која христијанството било целосно забрането, сѐ уште била на сила. Иако подоцна, во 1873 г. граѓански закон ќе дозволи слобода на религија, продолжиле да постојат пречки за проповед на Верата, а и прогоните, особено во селските средини, продолжиле уште долго време.
Свети Николај започнал со сериозно изучување на јазикот, културата и историјата на Јапонија. Тој понекогаш шетал по улиците на Хакодате, слушајќи ги обичните луѓе, како и професионалните раскажувачи, се запознал со водечки будистички свештеници и ги слушал нивните проповеди. Јеромонахот Николај по 14 часа секојдневно во текот на 7 години го проучувал секој аспект на Јапонија. Во резултат на неговото неуморно изучување на јапонскиот јазик, јеромонахот Николај на крајот научил неколку илјади кинески букви, со што добил пристап до материјалите печатени од Православната Мисија во Пекинг, каде што Јосиф Гошкевич имал поминато скоро десет години. Ова му овозможило на Николај да ги проучува кинеските текстови на Стариот и Новиот Завет, како и некои литургиски книги.
Владиката Серафим (Сигрист), на Сендај и Истокот (сега во пензија) понатаму ја опишува ревноста на свети Николај во подготовката за неговиот мисионерски подвиг: „Се вели дека во првите денови од неговото изучување на јапонскиот јазик, о. Николај (тогаш свештеник во Хакодате) одел со јапонските деца на училиште и седел најодзади и учел колку што најдобро можел со нив. И навистина, во еден момент збунетите учители ставиле знак на вратата: ‘Забрането за брадестиот странец’“.
Додека сѐ уште бил во Хакодате, свети Николај бил сосема свесен за огромните задачи што стојат пред него. Во 1869 г. напишал: „Некој би можел да заклучи дека барем жетвата е навистина богата во Јапонија во блиската иднина, но нема работници на нашата страна, ниту еден, ако не се смета мојата лична дејност... Само преводот на Новиот Завет... ќе одземе најмалку две години макотрпна работа. Потоа, потребен е и преводот на Стариот Завет. Дури и во најмалите (православни) заедници службите ќе мора да се извршуваат на јапонски. А што со другите книги, како што се црковната историја, свештената историја, литургиката и богословието? Сите овие се исто така неопходни, и мора да бидат преведени на јапонски. А никој не знае дали странец би можел доволно да го совлада јапонскиот за да пишува барем со пола леснотија со која нормално пишува на сопствениот јазик“.
По неколку години интензивно учење, о. Николај преобратил во Православието еден самурај, зет на шинто свештеник, заедно со уште двајца други. (Овој самурај бил идниот православен свештеник Павел Савабе.) Светителот не се обидувал да покрстува голем број на луѓе, туку се стремел оние што ќе ги преобрати да бидат цврсти во Верата. Овие први покрстени потоа му помагале, и тој наскоро имал група од 15 христијани.
Кон крајот на 1869 г. јеромонахот Николај отишол во Санкт Петербург за да го извести Синодот за својата дејност. Била донесена одлука „да се основа посебна Руска Црковна Мисија за проповед на Божјото слово меѓу незнабошците“. Отец Николај бил воздигнат во чин на архимандрит и назначен за старешина на Мисијата.
Во 1873 г., по 12-годишен труд на св. Николај, условите почнале да се подобруваат. Благодарение на напредната политика на царот Меиџи, јапонската влада донела нов граѓански закон со кој била обезбедена верска толеранција. Тогаш Мисијата била пренесена од Хакодате во Токио, новата царска престолнина, каде што бројот на православните верници наскоро достигнал бројка од 1000 души.
Свети Николај го сметал преведувањето за една од најважните дејности што тој би можел да ги оствари при поставувањето темели на Православната Мисија во Јапонија. Тој во една прилика рекол: „Преведувањето е срж на мисионерската дејност. Денес работата на една мисија генерално, во која било земја, не може да се огранични само на усна проповед... Во Јапонија, каде што луѓето сакаат да читаат и многу го почитуваат печатениот збор, мораме пред сѐ да им обезбедиме на верните и на оние коишто допрва треба да се крстат книги печатени на нивниот мајчин јазик, секако добро напишани и читливо и евтино испечатени... Печатеното слово мора да биде душа на Мисијата“.
Проповедајќи им го Православието на Јапонците, свети Николај знаел дека би било особено ефективно доколку новите јапонски христијани лично му ја пренесат Верата на својот народ. Така за време на 70-тите години од 19. век тој почнал да ги поттикнува оние што веќе некое време биле членови на Црквата и што се имале здобиено со темелно поучување, да патуваат ширум Јапонија и да го запознаваат својот народ со Верата. Овие вероучители, како нови апостоли, ќе проповедале и, тогаш, доколку новите верници сакале, ќе вршеле служби во нивните домови и дури ќе ги користеле тие домови како „центри“ од кои ќе поучувале во Верата. Ракоположени свештеници или дури самиот свети Николај ги посетувале овие Мисии секогаш кога тоа било можно, за да ги извршуваат Светите Тајни и да ги утврдуваат верните. На овој начин биле основани над 250 Мисии за време на животот на свети Николај.
Од времето на своето пристигнување во Јапонија, свети Николај го проживеал таму скоро целиот свој живот, враќајќи се во Русија накратко само двапати: од 1869 г. до 1870 г. за да бара воспоставување на Руска Црковна Мисија во Јапонија, а од 1879 г. до 1880 г. за да биде хиротонисан за Епископ на растечката Мисија и да собере средства за нејзините потреби. И двата пати особено нестрпливо очекувал да се врати дома во Јапонија за да ја продолжи својата дејност.
Во 1875 г. бил ракоположен првиот јапонски православен свештеник, о. Павел Савабе. Свети Николај основал училишта за образование на вероучителите и верните, а во 1878 г. отворил Богословска семинарија за образование на јапонското свештенство. Покрај богословските науки, тука се изучувале и јапонскиот, кинескиот и рускиот јазик, како подготовка за преводот на сите делови од Светото Писмо а и на други неопходни текстови. Во 1880 г. свети Николај бил хиротонисан за прв Епископ на Јапонија, а веќе во 1884 г. почнал со изградба на прекрасен соборен храм во Токио. Храмот, посветен на Христовото Воскресение, бил завршен и осветен во 1891 г. Наскоро станал познат меѓу народот како „Nikolai-do“ („домот на Николај“), име што до ден-денес го носи. Иако свети Николај на својата паства ѝ го пренел преданието и литургиската пракса на Руската Црква, тој сепак се стремел да формира вистинска Јапонска Црква, како во поглед на јазикот така и во поглед на идентитетот. Личниот пример на свети Николај, на љубов и почит кон јапонскиот народ и неговата историја, јазик и обичаи, оставил добар впечаток на јапонските власти и придонел кон растежот на Православната Мисија. Бидејќи течно го говорел јапонскиот, свети Николај повремено бил повикуван да присуствува на официјалните средби на претставници на јапонската и руската влада.
Руско-јапонската војна од 1904-1905 г. била испит за свети Николај и за православните христијани во Јапонија. Со длабоко расудување, тој им дозволил на свештениците да вршат Молебни за победа на Јапонија, додека самиот не учествувал во нив. Иако му била понудена заштита од страна на Русите, тој ја одбил, претпочитајќи да остане со својата паства.
Во 1906 г. владиката Николај бил воздигнат во чин на Архиепископ, а верните во Јапонија ја прославиле неговата 26-годишнина епископствување.
Во 1908 г. идниот наследник на свети Николај, владиката Сергиј (Тихомиров) пристигнал во Токио. Тој ја возглавувал Јапонската Православна Црква од 1912 г. до 1940 г. Во 1912 г., последната година од животот на свети Николај, во Јапонија имало 33.000 верници, 266 црковни општини, како и 175 цркви и 8 соборни храмови во кои служеле 40 јапонски свештеници и ѓакони.
Архиепископот Николај во 1910 г. се разболел од срцева болест. Неговата состојба толку се влошила, што во јануари 1912 г. бил хоспитализиран. Една вечер владиката Сергеј влегол во болницата да го посети својот учител. Подоцна го опишува тоа што го видел: „Ниска маса поставена крај прозорецот во собата. Јапонски ракописи, мастилница и четка лежат на масата, а пред Неговото Високопреосвештенство е словенскиот Триод. Павел Накаи чита јапонски превод, а Архиепископот го следи неговото читање, гледајќи во друг бележник. Повремено застануваат и вметнуваат запирка... Можеше ли некој да каже дека ова е старец, осуден на неизбежна смрт?“
Обдарен со енергичен и ревносен дух, свети Николај до крајот на своите денови смирено гледал на својот труд, во една прилика велејќи: „Јас не сум ништо повеќе од обично чкорче со кое се пали свеќата. Тоа потоа гасне и се фрла на земјата како сосема непотребно“.
На 3/16 февруари, во 19.15 часот, се упокоил Неговото Високопреосвештенство Николај, Архиепископ Јапонски. Следниот ден цела Јапонија дознала за неговата смрт.
Владиката Сергеј пишува: „Христијаните во Токио еден по еден се собраа во Мисијата; христијаните од другите деноминации го изразуваа своето сочувство. Оние кои сѐ уште го немаа прифатено Христовото учење итаа кон Мисијата да се поклонат или да остават визит-карта. Тоа не беа само обични граѓани, туку и принцови, грофови, виконти, барони, министри како и нецивилни службеници...
Но највисоката чест што Јапонија му ја оддаде на архиепископот Николај беше фактот дека самиот јапонски цар Меиџи... прати величествен и огромен венец од природни цвеќиња за ковчегот на Архиепископот, и не го стори тоа тајно!... Примајќи го венецот и одговарајќи со благодарни зборови, го ставивме венецот кај главата на свети Николај... Самиот јапонски цар ја круниса главата на Божјиот архиереј со цвеќиња на победа!... Внатре во венецот имаше две букви: ‘On-Shi’, т.е. ‘Највозвишениот Дар’... Сите Јапонци ги видоа овие две букви, ги прочитаа, и со почит ги наклонија главите пред венецот!...
Започнувајќи со огромен ризик по својот живот, архиепископот Николај ја заврши својата дејност во Јапонија со одобрување од високиот престол (царот)“.
Годините што следеле по упокојувањето на свети Николај биле одбележани со големи потешкотии и искушенија за Јапонската Православна Црква. Таа не само што се соочила со тоа да биде отсечена од Црквата во Русија заради болшевичката револуција, што довело до финансиски неволји, туку морала и да се справи со тешките години кои кулминирале со Втората светска војна и нејзините последици. Од 1945 г. до 1970 г. Јапонската Црква е под администрација на Американската Митрополија на Руската Црква (денес Православна Црква во Америка). На 10 април 1970 г. Јапонската Црква добива автономија од страна на Руската Православна Црква, а архиепископот Николај е канонизиран за светител.
Низ скоро 100-годишната историја по смртта на Светителот, Јапонската Црква ги сочувува каноните и преданието на Православието предадени од свети Николај. 266-те парохии од времето на свети Николај се обединети, основајќи ги сегашните 69 црковни општини на Јапонската Православна Црква со околу 40.000 верници. Како и во апостолските времиња, Црквата во Јапонија е небројно малцинство во општество кое сѐ уште ја нема примено Светлината Христова, мало стадо (Лука 12, 32) среде една од материјално најнапредните нации во светот. Но, малото семе сѐ уште може да порасне во големо дрво (сп. Матеј 13, 31), зашто, како што рекол свети Николај, жетвата е навистина богата (Лука 10, 2).
Тропар
Светлината Христова изнедри од срцето твое, и ги осветли оние кои седеа во смртна сенка на далечниот исток, о Николае рамноапостолен Христов ученику, Јапонија доби пред Господа ѕвезда патеводителка, а за сите нас велик молитвеник, до крајот на времињата.