Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (14.09.2014 22:46)

Конкретно покајание

 

Деца, постои потреба уште еднаш да ви го објаснам подвигот на покајанието од гледна точка на досега напишаното за двете функции на умот.

Рековме дека ние, во Црквата, слободно и љубовнo се бориме нашиот ум да дејствува, пред сè, во својата примарна функција – молитвено да нѐ соединува со Бог, што е всушност и основа на нашето покајание. За разлика од нас, нели, демонот се бори умот да ни функционира постојано во неговата секундарна функција – како разум, и острастено (ропски) да нѐ соединува и приврзува со световното. Целта на демонот е да го држи нашиот ум што повеќе може во оваа лажна состојба или прелест – неосвестено, без да знаеме што вистински ни се случува.

Очигледно е, значи, зошто изворното значење на зборот ‘покајание’ е преумување или пренасочување на енергијата на нашиот ум од надвор кон неговата суштина во срцето и во Бог. Наместо да дозволиме демонот да ни ја расејува и залудно троши енергијата на нашиот ум преку разумот и сетилата, наша христијанска должност е прво нашиот разум да го ослободуваме од острастената многугрижност за световното и од демонското влијание. И второ, преку нашиот освестен подвиг да го пренасочуваме умот да дејствува, пред сè, во својата примарна функција – преку молитвено собирање на својата енергија во Бог (во срцето), и постојано да расте во познание на Бог. Без првото не е возможно ни второто.

Која света добродетел (доблест) ни го овозможува овој подвиг? Послушанието, или како што попрецизно велиме – ставањето на нашиот ум во процес на исцеление. Колку поапсолутно послушание толку помалку храна за функционирањето на умот како разум, за страстите и за демонот поврзан со нив; и толку поголем простор за остварување на основната функција на умот. Еве зошто светите Отци нè учат и инсистираат на послушанието како основен подвиг во Црквата. Послушанието е, просто, преумување на дело – конкретно покајание. Сè друго е ветер и магла, па макар тоа било плачење, каење, исповедање итн.

Послушанието, како основен подвиг, трае сѐ до моментот на очистување и отворање на срцето и пројавувањето на дарот на умно-срдечната молитва. Со просветлувањето на нашиот ум, а со тоа и на нашиот разум (преку дарот на умно-срдечната молитва), конечно – како што рековме, се надминува внатрешниот расцеп меѓу основната функција на умот и неговото функционирање како разум и човековата личност се исцелува, што е првичната цел на нашиот духовен развој. Со други зборови, се случува нов квалитет или ново ниво на православен духовен живот, кое може да се познае само од опит и кое Отците на Црквата, покрај ‘просветлување на умот’, го нарекле и ‘природен начин на постоење’.  

Гледате, деца, како што и реков минатиот пат, зошто покајанието, односно преумувањето, или возобновувањето на основната функција на умот или пренасочувањето на енергијата на умот – од световното кон Бог, ама во срцето, е егзистенцијален, битиен или суштински Евангелски повик. Затоа, не дозволувајте никој да ве прелестува и да ве учи на недефиниран, или неосвестен, или лажен, или компромисен христијански живот од типот – ни топло, ни ладно. Таквите Господ ги блуе (види Откр. 3, 16).

Митрополит Струмички Наум