Strumicka eparhija
 
 
 
 
 


Вести и настани

Од историјата на
Струмичката епархија

Струмичката Епархија, возглавена од Неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Наум, се протега на територијата на општина Струмица, опфаќајќи ги и градовите Дојран, Берово, Пехчево, со нивните парохии.

Денес, во оваа епархија монашки заедници под духовно водство на митрополитот Наум Струмички, се присутни во манастирите:

За епархијата

Со враќањето на монахот Наум од Григоријатскиот манастир на Света Гора, во август 1995 година, и со неговото востоличување за Струмички Митрополит дојде до возобновување на севкупниот црковен и духовен живот во епархијата. Црковната администрација и свештенството се во будно грижливо настојување да одговорат на духовните потреби на верниот народ. Во последните години од 20-ти век Струмичката епархија стана матичник на возобновеното монаштво во МПЦ.

Освен манастирите Пресвета Богородица Елеуса во с. Велјуса како женски и Св. Леонтиј во с. Водоча како машки манастир, за само седум години (1995 г. - 2002 г.) монашкиот живот се возобнови и во многу други манастири во епархијата. Така, во Берово, манастирот на Св. Архангел Михаил се возобнови како женски, а манастирот на Успението на Пресвета Богородица како машки манастир. Потоа дел од манастирскиот комплекс на Св. Партениј Зографски во Стар Дојран е возобновен како женски манастир и манастирот на Св. четириесет Севастиски маченици во Банско како машки манастир. На почетокот на 2003 година подигнат е манастирот на Св. Климент и Наум Охридски во Хамзали, како машки манастир. Во 2004 година се возобнови манастирскиот комплекс посветен на Св. Антониј Велики и на Св. великомаченик Георгиј во Ново Село, којшто со вселувањето на двајца свештеномонаси и неколкумина искушеници на денот на светото Успение на Пресвета Богородица заживеа како машки манастир.

Во периодот 1998-2002 година од темел се подигнати околу дваесетина цркви: црквата на Св. Григориј Палама и Св. великомаченик Димитриј во Струмица, монашката црква посветена на Св. Григориј Палама во Водочкиот манастир, параклисната црква во монашкиот конак на Велјушкиот манастир, посветена на Св. Апостол Павле и на Св. Григориј Палама, манастирската црква на Св. Климент и Св. Наум Охридски во Хамзали, малата манастирска црква посветена на Св. Петка во манастирскиот комплекс во Банско, двете манастирски цркви - на Св. новомаченик цар Николај Романов со семејството и на Св. Григориј Палама и Св. Максим Исповедник - во рамките на манастирскиот комплекс Партениј Зографски во Стар Дојран, манастирската црква посветена на Св. великомаченик Георгиј и на Св. новомаченичка Елисавета во с. Три Води, манастирската црква на Преподобна Параскева во близина на Пехчево и други.


Во своите матични манастири, Велјушкиот и Водочкиот, Струмичката епархија развива самостојна, сеопфатна но селективна црковна издавачка дејност. Издадени се над дваесет наслови, од кои: оригинални пастирски текстови и есеи со аскетска тематика, преводи од поуките за молитвата на современите Старци од 20 век, текстови од историјата на исисхазмот, преведени изданија од современата светска теологија, апологетски текстови како одговор на состојбите во јавноста кон возобновеното монаштво итн.

Со особена заложба на Митрополитот Струмички Наум беше изработен и поставен официјалниот web site на Македонската Православна Црква и тоа уште во далечната 1998 год. Ова се покажа особено важно во наредните години кога Македонската Православна Црква борбата за својата афирмација превенствено ја води преку овој медиум, чијашто посетеност ширум светот стана навистина завидна.



Струмичката епархија е идеен основач и покренувач на списанието
„ПРЕМИН”, кое за првпат беше објавено пред 4 години.

Во рамките на Струмичката епархија функционира Дневниот центар за прифат, третман и лекување на болести на зависност „Св. Елисавета” во Струмица. Неговото официјално отворање се случи на 18.02.2005 год. Моментално се работи на формирање на посебни услови за работна рехабилитација и ресоцијализација, со што центарот ќе биде проширен и оспособен за подлготрајно прифаќање и сместување на овие лица.