Струмичка епархија
· Вести и настани
· Од историјата
Манастири
· Банско
· Берово - женскиот манастир
· Берово - машкиот манастир
· Дојран
· Велјуса
· Водоча
· Хамзали
· Ново Село
Христијанството на територијата на Струмица се ширело уште во првите векови по Христа. Градот Струмица, како центар на Струмичката Епархија извесно време го носел и името Тивериопол, коешто повеќе се употребувало во византиската администрација и во црковната традиција. Со градот е поврзанa традицијата на почитувањето на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, коишто маченички пострадале за Христа во времето на царот Јулијан Отстапник кон крајот на четвртиот век. Нивното житие го напишал архиепископот Теофилакт Охридски. За големото чествување на овие Светители зборува и фактот дека и струмичките владици извесно време се нарекувале "Епископи тивериополски", како и откриените темели на ранохристијанската базилика на Свети Петнаесет во Струмица.
Во 9 век Цариградската Патријаршија ја возобновува својата мисија во Македонија преку светите браќа Методиј и Кирил. Со таа цел била и мисијата на свети Методиј Солунски, кој како константинополски царски намесник, од 845 до 855 година, бил управител во овие краишта. Во Методиевото житие се вели дека заедно со брата си Кирил, кој го посетил, го проповедале христијанството и по долината на реката Брегалница. Свети Кирил, тогаш покрстил илјадници Македонци, за што зборуваат и народните преданија. Во едно од нив се вели дека Свети Методиј цели десет години им го проповедал на Македонците Словото Божјо по Бела Река, што тече источно од с. Велјуса, минува низ с. Водоча и по долниот тек се вика Водочница, а за Водочкиот Манастир се тврди дека бил расадник на просветата и монаштвото. Со голема веројатност се претпоставува дека во овој манастир, речиси до пред илјада години, се вршело препишување на црковни книги од грчки на македонски јазик. И дека во овој крај како ученик на Светите Кирил и Методиј Солунски дејствувал и Свети Климент Охридски, кој според преданието и потекнувал од Струмичко. Во еден список на епископи, кој што се однесува на ова време, името Климент е означено како епископ Тивериополски.
За време на владеењето на Константинопол (во текот на 11 и 12 век), Струмичката епархија, во рамките на Охридската архиепископија - како и самата архиепископија - била ставена во служба на Цариградската патријаршија. Во тоа време, многу имоти од Струмичко, меѓу кои и манастирската црква во Велјуса, му биле подарени на Светогорскиот манастир Ивирон. Струмичката митрополија била во составот на Охридската архиепископија, се до нејзиното укинување во 1767 година, за што придонел и струмичкиот митрополит Ананис, кој во судирот меѓу двете цркви - Охридската и Цариградската, застанал на страната на Цариградската патријаршија.
Кон крајот на 18 и почетокот на 19 век, Струмица истовремено била седиште на кајмакам, на грчки патријаршиски владика, а од 1897 година и на бугарски егзархиски митрополит. Влијанието на Цариградската патријаршија почнало да слабее, наспроти засилената пропаганда и експанзија на бугарската егзархија, особено по 1897 година, кога во Струмица бил поставен бугарскиот владика Герасим.
Во почетокот на 20 век, Струмица е зафатена од Балканските војни, како и од Првата светска војна. Се судираат македонските, грчките, српските и бугарските интереси. Градот Струмица и некои од селата биле запалени. Запален е и манастирот во с. Велјуса, чии што конаци изгореле, а внатрешноста на црквата е делумно оштетена.
До времето на Втората светска војна Струмичката епархија била во составот на Злетовско-Струмичката епархија на Српската Православна Црква. Со возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква во 1958 година, Злетовско-Струмичката епархија повторно влегува во нејзин состав. А со одлуката на САС на МПЦ од 1988 година повторно оформена Струмичката епархија, во чиј што состав подоцна влегоа градовите Радовиш и Валандово. Денес Струмичката епархија се протега на територијата на општините Струмица, Берово, Пехчево и Дојран.
Во 1995 година по враќањето од манастирот Григоријат на Света Гора, монахот Наум беше востоличен за Струмички Владика. Со неговото доаѓање за епископ дојде до возобновување на севкупниот духовен живот во епархијата, а особено на монашкиот.