Божествена Литугрија во Струмица на Вознесение Христово
 
 
 
 
 

Божествена Литугрија во Струмица на Вознесение Христово (09.06.2016 10:03)

Вознесение при симнувањето на Светиот Дух Господ

 

А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен (Јован 7, 37–39).

            Последнава евангелска реченица ме инспирира да кажам збор-два за Вознесението на Богочовекот Христос и за симнувањето на Светиот Дух Господ на Апостолите, за овој неразделив настан во севкупниот Домострој на Бог и Отецот за нашето спасение.

            Ако Синот Божји не се симнеше на земјата меѓу нас, воплотувајќи се од Светиот Дух и Дева Марија (но не без Нејзина слободна и љубовна согласност), и ако не станеше Човек, и ние не ќе можевме во Малиот Вход на Светата Литургија на Црквата да се вознесеме и да застанеме пред престолот Божји. Ако Он не се крстеше, и ние не ќе можевме да умреме за гревот и да бидеме живи за Бог во Него. Ако Он не ја проповедаше Својата Блага Вест за Царството Божјо, и ние не ќе можевме на Светата Литургија на Црквата да го читаме и проповедаме Неговиот Нов Завет. Ако Он не се жртвуваше на Крстот за нас и наше спасение, и ние не ќе можевме во Големиот Вход од Светата Литургија да се принесеме самите себе и целиот наш живот на светиот престол Божји преку Даровите што ги принесуваме на него. Ако Он не се вознесеше и не седнеше оддесно на Отецот, и Светиот Дух не ќе се симнеше на Апостолите, а преку нив и преку светите Отци и на нас до денес – во Црквата, ниту пак, Второто Христово Пришествие и Страшниот Суд ќе беа веќе и уште не. А ако, пак, Светиот Дух не се симнеше на нас, никакво значење немаше да има за нас сето она што Богочовекот Христос го направи за нашето спасение.

            Но, последната реченица е само теологизирање, претпоставка, за подобро да го разбереме значењето на симнувањето на Светиот Дух. И навистина, Светиот Дух Господ посебно се симна на светите Апостоли во собранието на Црквата – која на тој начин стана Тело Христово, чија Глава е Христос, и во Светата Литургија на Црквата ни овозможи, и секојпат повторно ни овозможува, да станеме учесници во севкупниот Светотроичен Домострој на нашето спасение – од Отецот, низ Синот, во Светиот Дух. (Само Црквата го овозможува ова спасително Богочовечко содејство, а со тоа и вистината за човекот создаден според образот и подобието Божјо – најпотполно откриена во ликот на Божјата Мајка.)

Но, симнувањето на Светиот Дух, покрај своето светотаинско и соборно-лично значење за нас, има и длабоко лично-соборно, односно внатрешно значење за нас. Без лично да Го примиме во Црквата Светиот Дух, ниту срцето наше ќе стане наш духовен центар, ниту ќе знаеме за местото на срцето, ниту исцелениот наш ум – односно енергијата на нашиот ум соединета со својата суштина во срцето – ќе може молитвено да се просветлува престојувајќи во благодатта на Светиот Дух, ниту ќе можеме да Му служиме на Бог на олтарот од нашето срце, ниту ќе можеме целата Црква да ја видиме собрана во нашето срце, ниту ќе можеме да ја видиме несоздадената светлина Божја, ниту од нашата утроба (срце) ќе потечат реки од вода жива, та да можат и нашите ближни да ја угасат својата духовна жед.   

            И, како вообичаено, по проповедта на Богочовекот Христос настана во народот расправија за Него. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: „3ошто не Го доведовте?“ А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек“. Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелажавте и вие? Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет“ (Јован 7, 43–49).

            Гледате ли како првосвештениците и фарисеите самите за себе сведочат дека својот ум го хранеле само со празно знаење на Законот, но не и своето срце со добри дела, инаку сигурно ќе Го препознаеле: „Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет“. Се сеќавате дека во беседата „Скаменето срце“ ви нагласив колку е опасно ако го храниме само разумот, и тоа само со читање и со концентрирање на знаење; и дека оваа грешка ја прават многумина денес; и дека знаењето од тој тип носи гордост, прелест и разградува; и дека подобро е повеќе да обрнеме внимание на хранењето на срцето со љубов и добри дела, затоа што преку тоа ќе го храниме и умот со вистинско знаење на Бог. Да, словото убива, а Духот оживува.       

Пресвета Богородице, смислата на сѐ од Бог создадено, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум