Потсетник за Богојавление
 
 
 
 
 

Потсетник за Богојавление (18.01.2017 17:14)

Прво, Богочовекот Христос е Оној што осветува и Нему не Му треба никакво осветување или крштевање, а сѐ што прави, прави заради наше спасение.

Затоа, Он се крсти од свети Јован во водите на реката Јордан, а на самиот Јован Крстител и на сите нас ни овозможи да се крстиме со вода и со Свет Дух. Он се крсти во водата, а водата и сѐ создадено ги благослови, та повторно станаа погоден материјал за совршување на Светите Тајни. Заради Него се отворија небесата, а на нашето срце му се овозможи да стане влез и седиште на Царството Небесно. Гласот на Отецот од небесата за Него сведочи: „Тој е Мојот возљубен Син и на Него е Мојата милост“ (Матеј 3, 17), а на сите нас восиновување ни благовести. Да, Бог се јави како Света Троица, а луѓето, возглавени од вистинскиот Човек – Богочовекот Христос, се јавија како Црква на Светиот Дух: „Сите едно да бидат, како Ти, Оче, што Си во Мене и Јас во Тебе; и тие во Нас едно да бидат, светот да поверува дека Ти Си Ме пратил“ (Јован 17, 21).

            Второ, што точно значат зборовите на свети Јован Крстител?

„На другиот ден, Го виде Јован Исус како доаѓа при него и рече: ’Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе‘.“ (Да, човек не може да спаси човек, туку Богочовекот Христос го спасува паднатиот човек.)  

            „Овој е, за Кого што реков: ’По мене иде Човек, Кој пред мене беше, оти постоеше порано од мене‘.“ (За Кого ви реков дека кон Него ве водам – не кон себе, затоа што од Него на дар ве примив и кон Него повторно ве принесувам.)

            „Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода, за да биде Он објавен на Израилот.“ (Вие не Го познавате, но секој што во послушание ќе го очисти своето срце од страстите, ќе Го познае и ќе Го сведочи во Новиот Израил – Црквата.)

            „И сведочеше Јован, велејќи: ’Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и застана над Него. Јас не Го познавав, но Оној што ме прати да крштевам со вода [Оној што прв ме возљуби и позна, и Кој ми даде вонредна благодат на преобразување] ми рече‘: ’Врз Кого видиш да слегува Духот и да застанува над Него, Тој е Кој ќе крштева со Дух Свети‘.“ (Јас ви го покажувам патот што го поминав: лично ваш е подвигот на очистување, но лично Негов е двоедниот дар на отворање на срцето и на аскетската умно-срдечна молитва; лично ваш е подвигот во оваа молитва, а лично Негов е двоедниот дар на просветлување на умот и на духовно воспитание и образование на другите.)

            „И јас видов и засведочив дека е Овој Син Божји“ (Јован 1, 29–34).

            И трето, на Богојавление за првпат доаѓа до израз Тајната на царското, новозаветно и есхатолошко свештенство во ликот и делото на свети Јован Крстител. Свети Јован Крстител не е носител на официјалното и институционално свештенство, тој е објавител на тајната на новозаветното, царско и есхатолошко свештенство, а крај на старозаветното: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?“ (Матеј 3, 14). Зборови што значат токму ова: „И удостој ме, преку мене – недостојниот и грешен Твој слуга, да Ти бидат принесени овие Дарови, [внимавајте!] зашто Ти си Тој Кој принесува и се принесува, Кој прима и Кој се раздава, Христе Боже наш...“

Во суштина, Бог секоја Тајна во Домостројот на нашето Спасение ја восовршува само преку оние кои се удостоиле да бидат носители на новозаветното, царско (внатрешно) и есхатолошко свештенство. Достигнувањето на вториот степен од духовниот развој – просветлувањето на умот, е внатрешно духовно покритие на Светата Тајна Свештенство, но е и личен дар за нас во Црквата, дар на новозаветното царско свештенство, кој ќе нѐ краси и во Царството Небесно.

            Пресвета Богородице, преку Која секој Божји дар го добиваме, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум