Недела на Православието
 
 
 
 
 

Недела на Православието (04.03.2017 17:00)

Ова е недела кога ја празнуваме победата на вистината над лагата, на вистинската вера над лажната – веќе и уште не. Зошто веќе и уште не? Затоа што Богочовекот Христос ја извојува таа победа за нас, и доколку живееме во Него, во Црквата, ние сме учесници во таа победа, но бидејќи далеку сме од тоа да бидеме совршени, сѐ уште се бориме Христовата победа нам дарувана – докрај да ја прифатиме и со умот, и со разумот, и на дело.

На овој тесен пат имаме многу демонски препреки што треба да ги надминеме. Најлесниот пат е смирението и послушанието, но и тоа го немаме доволно за да ни се отвори срцето и вистината да се пројави од него како просветлување – сепак, тоа не ми е денешната тема. Денес сакам да посочам една друга голема заблуда, во која повеќето се наоѓаме. Во што се состои таа заблуда?

Некои од нас мислат дека одлично или барем доволно ја познаваат својата православна вера, а со тоа и вистината, и тоа е во ред, но забораваме дека многу мали и големи световни невистини или лаги прифаќаме преку најблиската околина, образованието, медиумите, најразличните приврзаности, животните навики и на многу други начини, кои ја гушат вистината во нас и значително нѐ одвојуваат од неа. Формална е поделбата на световни и теолошки вистини или лаги. Вистина е вистина, лага е лага.

Со наједноставни зборови, многу информации што слободно и доброволно со нашиот непросветлен разум ги прифаќаме, главно однадвор, се лага. Тие информации ги прифаќаме и потсвесно, не само свесно, но бидејќи се лага и доаѓаат од таткото на лагата, ние постепено – со нивното прифаќање, се одрекуваме и ја одбиваме вистината од нас.

А таткото на лагата е и човекоубиец од почетокот (види: Јован 8, 44). Тој, ѓаволот, од почетокот се обиде да нѐ убие преку лагата. Истото се обидува да го направи и сега; и тоа многу суптилно – со еден нов модел на живот, образование и информирање.

Кога говориме дека се одрекуваме и ја одбиваме вистината од нас, ние всушност, се одрекуваме од Божјата благодат и од заедницата со нашиот Небесен Отец, во Богочовекот Христос, преку Светиот Дух – Дух на вистината.

Лажните информации најчесто ги добиваме од профитоцентричната наука. Многу лажни или погрешно толкувани информации сме попримиле од прехранбената индустрија, медицината, фармацијата, астрономијата, физиката, историјата, географијата, геополитиката, политиката итн. Многу поточни се нивните алтернативни варијанти.

Бидејќи, повеќето од нас, немаме просветлен ум, проследен од дарот на аскетската умно-срдечна молитва, ќе ви дадам еден ориентир на вистината преку кој полесно ќе можеме да ја препознаваме лагата. Доколку една наука го превидува или го поместува човекот како центар и како глава на сѐ создадено, а со тоа и воплотениот Син Божји – Богочовекот Исус Христос, знајте дека е слугинка на лагата. Сѐ мора да се врти околу центарот и да се подредува на Главата, а не обратно.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум