Недела на свети Григориј Палама во Струмица
 
 
 
 
 

Недела на свети Григориј Палама во Струмица (13.03.2017 19:08)

На 12.03.2017 година, во Втората недела од Великиот пост - Недела на свети Григориј Палама и на празникот на свети Агатангел Битолски, во храмот „Св. Григориј Палама“ во Струмица, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички г. Наум, архимандритот Партениј, како и повеќе свештенослужители. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Овој ден стана особено радосен за струмичани, за нашата света Македонска православна црква, но и за целата Татковина, со пристигнувањето на копијата од иконата на Пресвета Богородица Скоропослушница, подарок од игуменот на Дохијарската обител, архимандритот Григориј.

Предводени од двајцата Митрополити, верното свештенство и монаштво, гостите монахињи од Бугарија и илјадниците верници, ја пречекаа иконата на Мајката Божја на плоштадот „Гоце Делчев“ во центарот на Струмица, каде најпрво, во името на Митрополитот Наум, се обрати Митрополитот Тимотеј:

„Ваше Високопреосвештенство, Високопреподобен Архимандрите, преподобни монаси и монахињи, сечесни отци, браќа и сестри!

Ми причинува особена чест што можам, во овој извонредно значаен и радосен миг, да се обратам во името на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Наум, како и во името на свештенството и целиот народот!

Св. Јован Крстител, подготвувајќи го Израилскиот народ за дочекување на Господа Исуса Христа, порачува:Пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови(Марко 1,3). Овој повик и денес силно одѕвонува во совеста на сите Христијани. Сите сме повикани да го израмниме патот Господов. Да го израмниме со христијанска љубов, со љубов кон Господа Исуса Христа и кон сите Христијани кои се трудат да одат по Него и кои Го имаат за свој пат.

Бог, Кој е Љубов (1. Јн. 4,8), нè поучува дека треба да имаме љубов. Но, не само кон Бога, туку и помеѓу себе. Според таа љубов ќе нè познаат дека сме Негови следбеници. Овој денешен чин на братството од Свештениот Манастир Дохијар од Света Гора, кое ја подарува оваа прекрасна копија на чудотворната икона на Пресвета Богородица Скоропослушница, ја потврдува токму таа Христова љубов; потврдува дека сме Христови следбеници и Негови проповедници во овој возмутен и разбрануван свет.

Образот на Мајката Божја нека ни послужи за утеха и за надеж. Нека ни послужи за надминување на сите препреки во манифестирањето на Христовата љубов. Па, сите што ќе ѝ се обраќаат со молитва, да најдат сила и поткрепа за да ги надминат искушенијата, недоумиците и проблемите!

Уште еднаш искажуваме длабока почит и благодарност на братството на Светата Светогорска Обител Дохијар за нивната љубов кон Струмичката епархија и кон нашата света Црква и држава.

Пресвета Богородице, помагај ни!“

Веднаш потоа, од името на Дохијарскиот Старец, Архимандрит г. Григориј, се обрати јеромонахот Филотеј:

„Ваши Високопреосвештенства, достојнопочитувани и сечесни отци, возљубени браќа и сестри поклоници,

Пред 2000 години,Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета. Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика гласно и рече: Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја…А Марија ѝ одговори:Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови;зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име;и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него. Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените; гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни(Лука 1,39-53).

Денес, по 2000 години, Господарката наша Богородица пристигна од Света Гора Атонска и дојде во ридскиот град Струмица. Влезе во храмот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, и овој пат не ја поздрави Елисавета, ами Мачениците, кои, според зборовите Господови, се мајка, браќа, роднини на Самиот Господ. Во тоа време Елисавета, а сега Мачениците го слушнаа поздравот и од радост заиграа. Гласот, пак, на Мачениците сте сите вие, кои живеете блиску до нив и се восхитувате на нивниот подвиг, на нивното мачеништво, и смирено се молите за вашето спасение. Вие, всушност, го изразувате восхитот на Елисавета кон Самата Владичица Богородица, Која во она време отишла кај Својата роднина за да ѝ објави дека е бремена и ќе Го роди Господа.

Посакувам од сето свое срце, по молитвите на нашиот Старец и на целото наше братство, пристигнувањето на Пресвета Богородица на ова место да ве укрепи и, како што им беше ветила на сите што се бојат од Господа, да ви ги дарува Своите вештествени и духовни блага, да ѝ дарува мир на вашата земја; да им проговори во срцата на оние што управуваат, та да живеете во мир, и вашето општество, држава и целиот народ да можат во мир да Го слават Бога постојано, и со своите зборови, и со своите дела.

Вашите молитви да ги имаме!“

Од градскиот плоштад светата Икона на Пречистата, во раскошна молитвена литија, со учество на нашите возљубени митрополити, бројното свештенство, монаштво, лимениот оркестар на град Скопје и недобројниот верен народ, беше свечено пренесена во храмот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, каде што и ќе остане засекогаш.

На христољубивото братство на Свештената Обител Дохијар, како и на сите што придонесоа за денешната духовна убавина и наслада, вечна им благодарност!

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Литургијата на Митрополитот Тимотеј.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во денешното свето Евангелие, коешто беше прочитано на светата Литургија, ги слушнавме зборовите на светиот апостол и евангелист Марко, како Господ Исус Христос го излекувал раслабениот, односно парализираниот човек (Мк. 2, 1-12). Блиските и пријателите на овој страдалник, сакале да го доведат кај Христа. Но, бидејќи имало многу народ, во дворот пред куќата во којашто бил Христос, тие се одлучиле да го откријат кровот и да го спуштат сосе леглото врз коешто лежел во просторијата пред нозете Христови. Кога велиме го откриле кровот, треба да имаме во предвид дека Палестина е топла земја, и таму куќите не се од цврст материјал како кај нас, туку, најголем дел се покриени со дрва и од полесни материјали. Кога Христос ја видел нивната вера, му рекол на парализираниот: „Синко, ти се опростуваат гревовите твои!" (Мк. 2, 5).


Помеѓу народот се наоѓале фарисеите и книжниците, кои Го следеле Господа Христа на секој чекор. Но, Го следеле, не со желба да се поучат и да Го разберат, а со тоа и да се поправат, туку, со злоба и пакост, само за да Му најдат вина, според нив, за да Го обвинат. Сега им се дала можност, и се запрашале: Како може човек да проштева гревови? Но, Господ Исус Христос, како Син Божји, ги разбрал нивните мисли и им рекол: Што е полесно да речам, ти се проштеваат гревовите, или, пак, земи ја постелата своја и оди си? Тие биле лицемери. Ако немало дело, лесно ќе Го обвинеле Господа Христа. Но, сега има дело, односно, парализираниот станува и оди. Господ Исус Христос сака да ни каже дека е Син Човечки, но, исто така, има власт и да простува гревови. Појавувањето на парализираниот човек, кој оди, го уверува многубројниот народ дека пред нив имаат Месија, Спасител и Син Божји. Оваа потресна историја ни сведочи за големата сила Божја. За силата која се јавува во лицето на Исуса Христа. Ова и денес има големо значење за современиот човек.


Гревот е болест. Кога ќе нè снајде некоја телесна болест, се грижиме да најдеме подобар лекар, да купиме подобри лекарства, па доколку немаме во непосредна близина стручен и искусен лекар, тогаш, одиме подалеку. Трошиме од заштедените средства, а ако немаме такви, позајмуваме од нашите блиски, а сè со цел да се најде лек, односно, да се излекуваме од болеста којашто нè снашла. Сето тоа е добро и Црквата нема ништо против тоа. Но, гревот, тоа е болест којашто може да ја излекува само Бог. За да ни покаже дека е Син Божји му вели на страдалникот: Земи ја постелата и оди си! Овие зборови се однесуваат и на секој еден од нас, за во никого да не остане сомнеж.


Кој ги проштева гревовите? Кој е способен да ја очисти нашата душа? Кој е способен да го ослободи нашиот ум и нашето сознание од оптоварената совест, од потсетувањето на нашите гревови, односно, Кој може да нè ослободи од таквите спомени кои не ни даваат душевен мир? Ослободувањето од гревот е ослободување од најстрашната болест. Физичката болест се распространува само во видливиот свет, додека, пак, гревот, како болест кој ја разрушува душата и прави духовна инфекција, преминува и во вечноста, онаму каде што продолжува и душата.

Ние сме должни да знаеме дека Господ Исус Христос проштева гревови. Тоа не треба никогаш да го заборавиме. Заедно со гревовите, Он може да ни ги прости и нашите човечки погрешки. Погрешки кои понекогаш се големи, и се трагични, но не само по нашиот живот, туку, и по нашето семејство, па дури и пошироко. Но, ако имаме силна и непоколеблива вера и се обратиме за помош кон Христа, како што се обратил и овој парализиран човек, опишан во евангелското четиво, да бидеме сигурни дека Божјата милост нема да изостане.


Светата Црква, втората недела од Великиот пост ја посветува на св. Григориј Палама, на оној на кого е посветен и овој свет храм. Овој Божји угодник се прославил со неговиот подвижнички живот. Преку тоа подвижништво, го победил гревот во себе, па затоа, бил удостоен да ја созерцава Божјата несоздадена светлина, и преку тоа светата Црква ја формулира доктрината и учењето на исихазмот, односно на паламизмот. Неслучајно, за време на Великиот пост, Црквата нè потсетува на овој угодник, повикувајќи нè преку пост и молитва да го победиме гревот. Нè повикува да се ослободиме од страстите, па да можеме да се удостоиме, очистени и препородени, да го наследиме царството Божјо и да претвкусиме од него уште во овој живот. По молитвите на св. Григориј Палама, така нека биде. Амин.

Извор: Дебарско-кичевска епархија, Бигорски манастир