Недела на православната вера
 
 
 
 
 

Недела на православната вера (24.02.2018 10:08)

Денешново евангелие (види: Јован 1, 43–50) е уште едно историско сведоштво и конкретен пример на совршена молитвена заедница и однос помеѓу Бог и човекот; сведоштво за исполнета молитва. Кога Христос му вели на Натанаил: „Кога беше под смоквата, Јас те видов“, всушност, му открива Кој го слушал. Нормално, Христос веќе му открива на Натанаил и Кој му ја исполнува во целост и во живо таа молитва сега.

А Натанаил со својот одговор ни открива и ни сведочи дека во Богочовекот Христос Го препознава Оној Кому се молел и Кого единствено Го барал во молитвата – Синот Божји и Царот Израилев, очекуваниот Месија. А кој друг би можел да знае што се случува во срцето и во умот на Натанаил ако не Самиот Бог?

Така, не знам на што попрво да се воодушевувам: дали на Натанаиловата молитва, во која Го бара само Него, или на нејзиното совршено исполнување – и како мистично доживување, и како лична средба во живо – од страна на Богочовекот Христос? Или, пак, овие две работи не можат да се одделат, ни како случка, ни како инспирација...

            Инаку, нашата молитва кон Господ може да личи – како кога толпа луѓе што стојат оддалеку и му се обраќаат на царот, како да се наоѓаме меѓу десетина луѓе блиски до царот и молитвата може да биде и како кога се зборува со царот лице в лице. Овие три молитвени состојби одговараат на трите степени од духовниот живот: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот со дарот на умно-срдечната молитва и обожение. Генерално, сите наши проблеми поврзани со борбата против помислите, со борбата против страстите, па дури и проблемите со телесни болести и болки може веднаш или брзо да се надминат со молитва, со  просто молитвено симнување на умот во срцето.

            Рековме, молитвата може да биде и како кога се зборува со царот лице в лице. Таква е молитвата на совршените. Таква, лице в лице, била и молитвата на Натанаил. Потврда за тоа е и неговото апостолско достоинство, дарувано од Самиот Господ. Неговото апостолско достоинство очигледно одговара на неговата внатрешна духовна состојба, каков што и бил обичајот за ракополагање и поставување на Апостолите и Епископите во првите три века. Потврда за неговата совршена молитва е и неговата совршена, т.е. маченичка смрт.

            Согласно опитот на сите Светии, единствен темел на вистинскиот духовен живот е вистинската вера. Вистинската вера го соединува човекот со Бог. Учеството во вистинската вера во Црквата истовремено значи и учество во вистинска благодат. Вистинската вера е критериум за вистински духовен живот. Но и вистинскиот, православен и подвижнички духовен живот во Црквата е единствен метод со кој се стигнува до спознание на вистинската вера, до богопознание.

Спознанието на вистината, на лично ниво, во строго православна смисла, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста. Дар Божји, кој се добива по големиот подвиг на чистење на срцето од страстите, во Црквата. Затоа, многу е потребно, покрај подвигот за сочувување на вистинската вера по секоја цена, да се сочува и вистинското аскетско-исихастичко предание во Црквата, преданието на умно-срдечната молитва. Да, „дојди и види!“, односно: верувај и дејствувај!

            Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум