Следиме Богочовек или човек?
 
 
 
 
 

Следиме Богочовек или човек? (02.06.2018 08:54)

Одрекувањето од себе одговара на првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, и трае сè до отворањето на срцето за умно-срдечната молитва (види: Матеј 10, 33). Одрекувањето од себе подразбира одрекување од нашето болно јас, кое поради гревовната навика, просто, се поистоветува со своите страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие. 

Исто така, со тоа што овој степен од нашиот духовен развој Господ го нарекува одрекување од себе сака да нè предупреди дека овој подвиг воопшто не е лесен, дека нас навистина нè чека болно одрекување од нашето болно јас. Страстите се тие што го валкаат нашето срце и ја држат благодатта на Крштението закопана и недејствителна во него. Живееме како некрстени, без да ја познаваме полнотата на животот и радоста на благодатта Божја. Нашиот ум останува непросветлен, а демонот, користејќи ги нашите страсти, непречено нè води од искушение во искушение. Целиот живот ни се претвора во една постојана неизвесност, загриженост, несигурност, страдање и мачење.

Одрекувањето од болното себе е предуслов за исцелителна заедница со Бог. Ова одрекување се случува од моментот кога ќе ги исповедаме своите гревови и кога ќе почнеме да живееме под раководство на духовен отец. Само заради љубов и вера во Бог, човек може да се одрече од себеси и од своите страсти. Колку ги исполнуваме Божјите заповеди, толку се исцелуваме од своите страсти и толку Го љубиме Бог. Исполнувањето на заповедите е аскетска љубов на дело и кон нашите ближни, затоа што ќе ги поштедиме од тоа да бидат објект или средство за задоволување на нашите страсти.   

            Земањето, односно носењето на крстот е поврзано со вториот степен од духовниот развој – просветленоста, и дарот на умно-срдечната молитва (види: Матеј 10, 38). Од една страна, тоа е голем молитвен подвиг, т.е. љубов кон Бог, а од друга страна, поради луѓето, кои водени од демонот, нè напаѓаат и мразат, без ништо лошо да сме им сториле, тоа е голем подвиг на аскетска љубов и кон непријателите.

На првиот степен демонот нè напаѓа однатре, преку страстите од кои сме заробени; додека пак, на вториот степен тој не може да нè нападне однатре, бидејќи срцето веќе не ни е заробено од страстите, па затоа нè напаѓа однадвор, преку луѓе кои се негови слуги. Носењето на крстот ја означува токму љубовта и кон непријателите, така како што Христос ни покажа на Крстот: „Оче, прости им, не знаат што прават“ (Лука 23, 34).

Господ така премудро го устроил нашето духовно восовршување, што без љубовта и кон оние што на кој било начин ни прават зло (со лоша мисла и чувства, со зборување против нас или со лоши дела) не можеме да поминеме од вториот на третиот духовен степен – од просветленост во обоженост. Љубовта и кон непријателите е конечно уништување на секоја суета, високо мислење и гордост во нас.

           Одењето по Христос, во вистинска смисла на зборот, се однесува на третиот степен на духовниот живот – обожение. За тоа другпат, а може и никогаш.

            Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум