Јас сум и Вратата и добриот Пастир
 
 
 
 
 

Јас сум и Вратата и добриот Пастир (22.08.2020 15:44)

„Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата на овците. Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие“ (Јован 10, 7–10).

Христовите зборови „Јас сум вратата“ имаат две значења. Едното значење, онтолошкото или суштинското или битијното, е дека треба најпрво да се соединиме со Бог, односно да се крстиме и облечеме во Христос, да учествуваме во смртта и воскресението Христово, да го примиме дарот на Светиот Дух, да се причестиме со Телото и Крвта Христови, да станеме Тело Христово, да станеме нова твар.

А второто значење на зборот „врата“ е дека во духовниот живот постои духовен закон и духовен ред, и дека сите треба да го освестиме степенот на духовен развој на кој се наоѓаме и да го восогласиме начинот на нашиот живот и подвиг согласно степенот на кој се наоѓаме. Само на тој начин можеме да влеземе низ вратата, правилно духовно да растеме и да Го сведочиме Христос, без разлика на кој од степените се наоѓаме.

Едното без другото не може. Светите отци на Црквата се затоа Свети отци, наши учители и просветители, наши добри пастири, затоа што поминале низ вратата, Христос, и во двете значења на поимот. Крадци и разбојници се расколниците и еретиците, тие се туѓи на стадото, и тие доаѓаат само да украдат и погубат души. А волци се демоните, кои исто така, доаѓаат само да убијат и да погубат.

Наемник е оној што има обличје на пастир, но нема влезено низ вратата на своето срце, односно го нема дарот на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство; и таквиот, вообичаено, не е подготвен да си ја положи душата своја за овците свои. Како што вели светиот Апостол Павле: „Ви зборувам вистина во името на Христос, не лажам – тоа го сведочи мојата совест преку Светиот Дух, дека ми е многу жал и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал јас да бидам одвоен од Христос за браќата свои, моите сродници, по плот...“ (види: Рим. 9, 1–5). Сега ви е јасно колку е гротескен политичко-психолошкиот потег со кој дваесет луѓе божем влегуваат во црква, а два милиона верни божем се исклучени.

„Сите колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа“ (Јован 10, 8). Се подразбира дека истото важи и за сите што доаѓаат после Него, како и за сите што не доаѓаат преку Него: „Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од другата страна, крадец е и разбојник; а кој влегува низ вратата, пастир е на овците“ (Јован 10, 1–2).

Но, што значи тоа дека некој ќе влезе и ќе излезе и дека пасиште ќе најде?

Тргнувајќи секогаш од персоналното начело на светогорската исихастичка школа (наспроти антиохиската историска и александриската алегориска школа), како основно при толкувањето на Евангелието, зборовите „ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде“ го означуваат токму духовниот развој и восовршување на човекот, а пред сè, сочувувањето и остварувањето на нашата личност, нашата лична слобода и љубов.

„Ќе влезе“ го означува воцрковувањето и ставањето на умот во процес на исцеление – под духовно раководство на духовен отец, т.е. првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите. „И ќе излезе“ го означува дарот на аскетската умно-срдечна молитва и просветлувањето на умот, после кое веќе нема послушание кон духовен отец, т.е. вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, со дарот на умно-срдечната молитва. А, „и пасиште ќе најде“ е обожението на личноста преку постојаното молитвено чистење на суштината на својот ум, сѐ до добивањето на дарот на непрестајната умно-срдечна молитва и гледањето на несоздадената Божествена светлина, т.е. третиот степен од духовниот развој.

Треба да се нагласи уште дека нашиот личен однос со Господ е вечен и дека е единствен и неповторлив, дури и за Самиот Него. „Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие“. Тој личносен однос ни е даден како дар уште во Предвечниот Совет и е запечатен во нас како образ и подобие Божјо, така што, ако не поради чистотата на срцето, тогаш барем поради добрата намера интуитивно го препознаваме гласот на нашиот Пастир и одиме по него. „И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат“ (Јован 10, 4–5).

„Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и душата Своја ја полагам за овците Свои. (...) И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир“ (Јован 10, 11; 14–16). Ова последново нема да го толкувам; нека остане Тајна.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум