Божествена Литургија во Велјуса (29.06.2024 17:45)
Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“, во Вељуса. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
На Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:
„А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните. Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците? И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците? Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.” Го гледам напишаново и си велам, ако дошло време да ова треба да го коментирам или толкувам – подобро, не; да не си губам време... Ќе пренесам нешто од порано, колку да не останеме без ништо. „Достигнувањето на бестрастие, осветување или – што е исто – на христијанското совршенство, без стекнување на умно-срдечна молитва е невозможно; во што се согласуваат сите Отци. Целта на монашкото живеење не е само постигнувањето на спасението туку, пред сè, постигнувањето на христијанското совршенство“ (св. Игнатиј Брјанчанинов). Во продолжение сакам да потсетам дека главен чувар и носител на преданието на Исусовата молитва низ историјата до денес биле монасите и монашките заедници. Затоа свети Јован Лествичник пишува: „Излезете од нив и одделете се, и не се допирајте до нечистотијата на светот, вели Господ (види: Ис. 52, 11). Зашто, кој од светот некогаш направил какво и да е чудо? Кој од нив воскреснувал мртви? Кој демони истерувал? Никој! Сето тоа се трофеи на монасите, коишто светот не може да ги прими. Кога би можел – зошто би бил потребен подвигот, зошто потребата да се остави светот?! ...Нам пак, на монасите, таквото сведоштво нека ни послужи како најдобар доказ за најголемата слава на нашиот призив“.