Недела на свети Григориј Палама – заштитникот на Струмичката епархија (16.03.2025 13:19)
За меѓусебните поделби – прв дел
Расколот меѓу умот и срцето, т.е. неможноста енергијата на нашиот ум да ја соединиме молитвено со Бог - во нејзината суштина во срцето, е основ на сите поделби, непријателства и расколи. Зошто? Затоа што човек кој што не го очистил своето срце од страстите и поради тоа не му овозможил на својот ум молитвено да влезе во него и да биде просветлен од благодатта на Крштението - што се наоѓа таму, нужно останува заробеник на овоземните страсти и на демоните поврзани со нив; и нужно, својата безбедност и сигурност ја потпира на некоја од силите од овој свет, а не на Бог и на љубовта кон својот ближен. Дали тоа ќе бидат внатрешни сили – во една држава или сили надвор од државата – што е секогаш крајната инстанца; дали ќе биде тоа сила која го предава Христос или Го распнува, тоа веќе не е важно; важно, таквиот човек својата безбедност и сигурност не ја наоѓа во Бог и во љубовта на својот брат. И не само тоа, туку својот ближен го чувствува и како пречка, па дури и како непријател кој му го оневозможува задоволувањето на страстите, пред сѐ, на страста славољубие (желбата за човечка власт и слава), како и на страстите среброљубие и сластољубие. А штом човек во својот брат гледа закана тој нужно ја зазема страната на онаа сила која е спротивна од страната на силата која ја зазел неговиот брат; себеси секогаш се оправдува за сѐ, а братот го обвинува и не простува. И ова нормално, свесно или несвесно, се случува во светот во кој што живееме, но кога истово ќе почне да се случува и со луѓето од Црквата, тогаш, несреќата е многу блиску – ќе нема кој да обедини, сочува и спаси. Токму поради оваа причина се распаѓаат и држави и народи, но и пријателства и бизниси и семејства, па дури крајно се растројува и самата личност на човекот. Затоа и светиот Григориј Палама, Архиепископот Солунски, се молел вака: „Господи просветли ја мојата темнина“.
Митрополитот Струмички Наум