Божествена Литургија во Рилскиот манастир
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Рилскиот манастир (27.07.2025 08:37)

Енергетска  и сигнална шизофренија

Нашето духовно срце е благодатен центар на нашите лични средби, како и примопредавател на сите лични комуникациски, енергетски сигнали. Затоа не треба да си дозволиме да влеземе во енергетска и сигнална шизофренија.

Ќе се обидам преку еден пример да го објаснам тоа. Кога некој ќе нѐ повреди без оглед дали навистина или така ни се чини, ние даваме погрешни енергетски сигнали, ако тој другиот, го сметаме за виновен, а на Бог Му се молиме само нас да нѐ помилува, да ни помогне или уште полошо, тој – другиот да го казни. Во таков случај, енергијата не ни е собрана во или кон нашето срце кон Бог, туку ни е расеана и поделена: божем, преку молитвата, енергијата ни е насочена кон Бог – негде неодредено, а преку помислите ни е насочена кон оној што го обвинуваме за нашата затемнетост и лошо чувство. Кога тоа ни се случува, ние сме надвор од себе, надвор од нашето срце, надвор од вистинскиот пат, а Бог не ја слуша молитвата на таквите.

Видете колку е многу поинаку кога, преку барањето на Божјата правда, се сметаме себеси одговорни за сѐ. Тогаш, енергијата ни е собрана во или кон нашето срце, затоа што, и сметајќи се самите себе виновни за сѐ, ја насочуваме енергијата кон нашето духовно срце и молејќи се за сите и за себеси, исто така ја насочуваме кон нашето духовно срце. Енергијата на умот не ни е расеана и поделена надвор од нас и надвор од Бог, и Бог ја слуша таквата молитва.

Дали енергијата на умот ни е собрана во нашето срце или кон нашето срце – зависи дали го имаме дарот на умно-срдечната молитва или се трудиме да го добиеме, т.е. се трудиме енергијата молитвено да ја насочиме кон областа на срцето. Има уште многу на темава, ама другпат.

Митрополит Струмички Наум