Сеноќно бдение во Водоча (29.08.2025 14:00)
Во чест на преподобен Јосиф Исихаст, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија во сослужение на викарниот Епископ Стобиски г. Јаков. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни и се поклони пред светите мошти на преподобен Јосиф Исихаст.
На Литургијата Владиката Наум се обрати со следното слово:
„Замислете, деца, колку е антиномично, противречно, тоа дека сѐ уште не можеме директно да го чуеме Божјиот глас, како што Адам и Ева го слушале јасно, а истовремено дадено ни е, индиректно, да го слушаме, па и многу појасно – во смисла на многу повеќе откриената ни Вистина. Исто како што, на пример, свети Симеон Богопримец Го држел Богочовекот Христос во своите прегратки, а ние, денес, Го примаме во себе и ако сакаме можеме да Му дозволиме да нѐ преобрази, дотаму што можеме да Го созерцаме во себе или да Го гледаме во Несоздадената Светлина.
Како и да е, отсуствува целосна двострана вербална комуникација, а засега, како утеха, ни останува само молитвената. Од една страна, тоа е многу тажно, од друга, пак, многу радосно. Состојба која само преку нашата смрт можеме да ја надминеме и која смртта ни ја прави посакувана – и нашата лична физичка смрт и нашето духовно умирање за овој свет. Што би рекол Старец Силуан: радосна тага – таговна радост. Атниномично, како и сѐ друго во нашата вера, како и сѐ друго во нашиот православен духовен живот – Крст, Смрт, но и Воскресение; страдање, но и утеха и радост.
Честопати, додека го читам Евангелието, си помислувам, како ли им било на апостолите кога лично Го гледале и слушале Богочовекот Христос? Како им било после Неговото Воскресение, а како при Вознесението и после тоа? Или, како ли им било кога оделе со Него по патот за Емаус? Нашата сегашна состојба е најслична со Неговите ученици кои разговараат со Него патувајќи кон Емаус, каде што, иако Неговиот лик е скриен – непрепознатлив за нив, нивните срца сепак горат.
Ви спомнав дека ние, денес, индиректно го слушаме, а тоа е секогаш согласно духовниот развој на кој се наоѓаме. Најбитно е да потсетам како го слушаат оние кои сѐ уште го чистат своето срце од страстите.
Оние чие срце не е отворено за умно-срдечната молитва, оние кои се во послушание и се наоѓаат на првиот степен од духовниот развој, таквите го слушаат Христовиот глас најпрво преку словото на својот духовен отец; па преку Литургиското слово; па преку Евангелското слово; па преку словото на светите Вселенски Собори; па преку типикот на Црквата и манастирскиот типик; па преку секој човек, посебно страдалник, што го среќаваме во нашиот живот; и на крај, преку сѐ создадено што гледаме околу нас.
Зошто преку словото на духовниот отец? Затоа што Христос рекол: „Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша...“ (Лука 10, 16). Зошто преку Литургиското слово? Затоа што Христос е Тој што „принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава“. И јасно е зошто преку сѐ она друго што го набројав, во Светиот Дух Господ.
Сепак, многу е битна личната комуникација и слушањето на живиот глас на духовниот отец, додека го чистиме своето срце од страстите, тоа ни помага многу. Посебно, кога неговото присуство е во сила и кога духовното чедо полесно го препознава неговиот глас. Потребна е лична вербална комуникација и меѓу сите нас, затоа што добриот глас што го слушаме ги разбива помислите, а делата на братољубие – лошиот глас.
И, иако има многу да се пишува на оваа тема, зборот ми е друг. Нашиот проблем е – како директно да го слушнеме Неговиот глас и сега?
Ако го послушаме свети Никифор Исихаст што вели – можеме: „со внатрешното слово, изгонувајќи од него секаква помисла (зашто можеш, ако сакаш), кажувај си ја кратката молитва ’Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!‘ – и принуди се, наместо каква и да е помисла, само таа секогаш да плаче внатре. Ако продолжиш да го вршиш ваквото дело непопустливо и со сето внимание, со време ќе ти се отвори преку ова и влегувањето во срцето, за коешто ти пишував, без секакво сомнение, како што и ние самите од опит сме познале“. Зошто велам дека можеме? Затоа што никој не може Исус Христос да Го нарече Господ освен во Светиот Дух. Значи, во моментот кога ние ја кажуваме „Исусовата молитва“, со нашето внатрешно слово, ние, всушност, го слушаме мисловно гласот на Светиот Дух Господ. Исто така, на внатрешното слово можеме да си ја кажуваме и Литургиската молитва.
Еден ден, кога срцето ќе ни се отвори за молитвата, ние ќе можеме и да го „слушаме“ убаво гласот Божји, на степенот од просветлување на умот – како созерцание на внатрешниот логос, а на степенот од обожение – како светлина на внатрешниот логос и како неискажлива воздишка на Светиот Дух во нас, за спасение на секој човек: Ава Оче!“