Света Тајна Венчание на Божествена Литургија во Струмица
 
 
 
 
 

Света Тајна Венчание на Божествена Литургија во Струмица (04.09.2025 14:33)

Послушанието кон Бог нема никаква врска со робовскиот и наемничкиот однос – каде што има интерес, не може да има вистинско послушание, ниту личен однос. Послушанието е најчудесната тајна на слободниот и личносен однос на Бог со своите деца. Само во оваа тајна човекот расте како слободна личност до бескрајните димензии на боговподобувањето. И само во оваа тајна Бог му станува послушен на човекот. Зарем тоа не го гледаме во животот на Пресвета Богородица?

Да се потсетиме само на оној чудесен момент од свадбата во Кана Галилејска кога Богородица Го известува Христос дека „немаат вино“. Дали, по формалното одбивање од Негова страна, Таа нешто Му противречеше, дали Го замоли повторно или Му се обрати со некакво дообјаснување? Не, им се обрати на слугите – „направете како што ќе ви рече“! (Јован 2, 5) А Кој постапи според Нејзината желба, иако претходно се противеше? Лично Нејзиниот Син, а наш Бог, Богочовекот Исус Христос. Кој Кому овде му е послушен е сосем очигледно. И тоа послушен до промена на Божјиот Домострој на спасението: „не е дојден Мојот час“.

Кога некој би ми рекол да ја сведам пораката од целото Евангелие во две реченици, јас би го цитирал само реченото од Пресвета Богородица: Сѐ што ќе ви рече, направете“ и „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!” Во овие зборови ја гледаме тајната на взаемното моментално послушание, на взаемното моментално прифаќање, на взаемното смирување, на взаемната љубов и на взаемниот личносен однос. Го гледаме примерот за кој било личен однос.

Голема е оваа тајна, на личниот однос помеѓу Бог и Богородица и на личниот однос помеѓу Христос и Неговата Црква; и кој ја сфати од личен опит, ќе види дека истата функционира и во бракот помеѓу маж и жена; дури дека само таа тајна и функционира. Правилниот личносен однос е почеток на секое Божјо чудо; а чудата ни требаат во овој живот.

Во светата Литургија се остварува и „тајната на едното Тело“, особено кога мажот и жената, при венчавката, не остануваат две различни, туку стануваат едно Тело. Затоа и венчавањето некогаш се случувало на светата Литургија и затоа оние што се венчавале заедно и се причестувале со Телото и Крвта Христови. И тие, и ние кои редовно се причестуваме, треба да ја сведочиме тајната на едното Тело, преку взаемната љубовна грижа еден за друг; тоа е и сведоштво на едниот Дух.

Митрополит Струмички Наум