Нов православен храм во Јапонија
 
 
 
 
 

Нов православен храм во Јапонија (16.12.2009)

На 11 јануари во јапонскиот град Нагоја ќе биде свечено осветен нов храм на Јапонската Православна Црква (автономна Црква под Руската Православна Црква). Храмот ќе биде посветен на Светото Богојавление Господово.

 

Чинот на осветувањето ќе биде извршен од Митрополитот на Токио и цела Јапонија Даниил во сослужение со Сендајскиот епископ Серафим и новото храмово свештенство. По овој повод во Троице-Сергеевата лавра е насликана специјална икона на сите московски светители.

Православната парохија во Нагоја е основана во 1880 година кога за своите потреби парохијаните користеле куќа во која направиле мал храм посветен на Благовештение. Во 1990 година верниците решиле да започнат со собирање средства за изградба на нов храм. Во 2006 година успеале да закупат соодветно земјоште, а во 2008 година била готова целата проектно-техничка документација, неопходна за градење на храмот. Во почетокот на јуни оваа година бил извршен чинот на поставување камен-темелник, а во октомври изградбата била завршена. На 12 октомври свечено била монтирана куполата на храмот со крст.

Денес во Јапонската Православна Црква има три епархии, двајца архиереи, 23 свештеници и 12 ѓакони. Вкупниот број на парохиите е 67, а бројот на парохијаните – околу 10.000.

 

Извор: Дверибг.нет