nov soboren hram na Uspenie na Presveta Bogorodica vo Strumica
 
 
 
 
 

На 15 април 2012 г., на празникот на Воскресението Христово, Митрополитот Струмички г. Наум изврши осветување на камен-темелник на новата соборна црква во Струмица, која ќе биде посветена на Успение на Пресвета Богородица.

Црквата е планирана на просторот спроти зградата на “Македонски пошти“ во Струмица, на тромеѓето на булеварите во централното градско подрачје. Со нејзината изградба официјално ќе се започне на 23-ти април, по Велигденските празници.

Овој соборен храм започнува да се гради во 2012-то лето Господово, кога се одбележуваат три значајни јубилеи: 1650 години од смртта на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, 100 години од изградбата на црквата на светите Методиј и Кирил во Струмица и 45 години од автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Соборниот храм во Струмица ќе се гради според првичниот проект, идејно решение на архитектот Јанко Константинов. Проектиран е според правилата и каноните на православната архитектура, согласно нашата вера, литургиски потреби и светоотечко градителско Предание. Влезот на црквата ќе биде поставен на западната страна, а олтарот на источната. Црквата ќе има и два споредни влеза од нејзината јужна и северна страна. Храмот ќе има фасада изработена од природни материјали, камен со тули од глина. Камбанаријата ќе биде поставена на југо-источната страна и истата покрај основната функција ќе има и простор (видиковец) за разгледување на градот и неговата околина. Црквата заедно со крстот ќе биде висока 53 метри, а камбанаријата ќе биде висока 60 метри. Во целиот амбиент ќе се вклучи и веќе постоечката црква на светите Григориј Палама и великомаченик Димитриј, а целиот околен простор ќе биде партерно уреден со урбана опрема, клупи, фонтани и светилки, како и со тревнати и други хортикултурни површини.

Соборниот храм на Успение на Пресвета Богородица во Струмица започнува да се гради со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот струмички г. Наум. Инвеститор е Струмичка Епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а финансиери се граѓаните.

Со реализацијата на овој градежен проект ќе биде издигнат еден од најубавите храмови Божји во Македонија.

 

 

проектот на новиот соборен храм во Струмица
низ фотографии

За оние што би сакале да учествуваат како приложници во изградбата на овој соборен храм
на Успението на Пресвета Богородица, отворена е жиро-сметка:

1. денарска жиро-сметка:
МПЦ – СПЕ – соборен храм Успение на Пресвета Богородица – Струмица
Комерцијална банка АД – Скопје
број на жиро-сметка: 300030000156253