Поддршка на Рускиот Патријарх Алексиј II за регулирање на внатре-православниот конфликт во Македонија со обнова на дијалогот (16.11.2005)
- Како Руската Православна Црква се однесува кон дејноста на канонски непризнатите Православни Цркви во Македонија и Црна Гора?
Убедени сме дека секое разделување во Црквата е болест којашто треба да ја надминеме во дух на христијанска љубов и братски дијалог, заснован на светите Канони на Црквата. Познато ви е дека Руската Православна Црква е – многунационална. Таа ги обединува Русите, Украинците, Белорусите, Молдавците и претставници на мноштво други народи. Само што се вратив од Молдавија во која во поголемиот број храмови богослужењата се на молдавски јазик, но тоа не ни пречи да се разбираме и да се сакаме и да го цениме нашето единство.
Толку повеќе нѐ нажалуваат тие расположенија коишто за жал се гледаат меѓу православните народи на Балканот. Во Црквата Христова не смее да има место за национализам, којшто ги намалува достоинството и правата на другите народи. Нам ни е потребно најмногу од сѐ да го цениме единството на верата, кое ги надминува сите национални разлики, почитувајќи ги притоа патриотските чувства на сите луѓе.
Што се однесува до Црна Гора, не мислам дека крајно малубројна група на луѓе кои немаат канонско ракополагање може да се нарекува Црква и да настапува во лицето на црногорскиот народ. Црногорско-приморската Митрополија, којашто е позната низ целиот православен свет, ги има за тоа сите основи.
Посложено стојат работите во Република Македонија. Ние длабоко жалиме дека веќе скоро 40 години се продолжува раздвоеноста заради која мнозинството на православните верни во оваа земја се наоѓа надвор од полната црковна заедница со своите едноверни во Србија и Црна Гора и во целиот свет. Ако од православната заедница заради нерешени проблеми отпаѓа целиот народ – тоа е голема загуба за целото православно семејство, заради што никој не може да остане рамнодушен.
Неопходен е дијалог, потребни се чекори еден кон друг, особено во сегашново време коешто е многу неспокојно за православните христијани на Балканот. Од своја страна Руската Православна Црква секогаш е подготвена да пружи посилна поддршка вo преговарачкиот процес заради решавање на овој застарен црковен проблем.
преземено од официјалниот web site на Руската Православна Црква:
http://www.patriarchia.ru/db/text/57704.html