Разговорите треба да продолжат таму каде што беа прекинати (целосна верзија) (18.11.2005)
1) На кој начин се менуваат црковните граници и како се одредува црковната јурисдикција?
2) Можеме ли во случајот ’Вранишковски’ да препознаеме обид за промена на реалната црковна јурисдикција?
Како идеја во главите на неколкумина преамбициозни српски епископи - да, но тоа не е и главната идеја на Вранишковски! Во Р. Македонија ниту постоеја знаци за подготовка на промена на реалната црковна јурисдикција ниту пак постоеја пастирски услови за неа. Вранишковски многу добро ова го знаеше. Затоа и овој непромислен обид што некои епископи на СПЦ преку него го направија за да оттргнат дел од паствата што ѝ припаѓа на МПЦ дефинитивно пропадна.
3) Со какви последици се соочуваме сега, после сѐ што се случи, и што всушност сакаше да постигне Вранишковски, односно што беше неговата главна идеја и цел?
Продлабочувањето на административно-црковниот раскол помеѓу двете сестрински Цркви, МПЦ и СПЦ, големата соблазна предизвикана од овој спор кај традиционалните христијани во двете православни и братски земји, како и прекинот на дијалогот меѓу двете Цркви, и тоа во една фаза која беше сè поблиску до прифатливо црковно решение се последиците со кои сега се соочуваме и кои треба да ги исцелиме. Се случи голем раздор и грев пред Бога, и тоа во време кога Православната Црква треба да ги зацврсти своите редови.
Кога го бараме, пак, виновникот на едно злодело, најпрво се прашуваме кој има корист од тоа и така најчесто дознаваме и кој е сторителот и што е неговата цел. Во нашиов случај, покрај ѓаволот, единствена корист од новонастанатата ситуација има Вранишковски: во рамките на СПЦ го сочува својот епископски чин, кој веќе му беше загрозен во МПЦ, и згора на сѐ се здоби со високи црковни титули. Тоа, за жал, беше и неговиот мотив и неговата главна идеја и цел.
4) Зошто го тврдите ова?
Затоа што пребегувањето во СПЦ се совпаѓа со времето кога повеќемесечната внатрешна контрола овластена од Светиот Синод на МПЦ ја заокружувше истрагата околу неговото незаконско финансиско и материјално работење. За дел од неговото незаконско работење освен од црковниот суд осуден е веќе и од граѓанскиот суд на Република Македонија на казна затвор од две години.
Едноставно речено, фатен на дело во кражба се исплаши за својата висока црковна позиција и пребегна во СПЦ за таму да ја сочува. Истовремено, за да биде прифатен, мораше да ѝ ги понуди на таа Црква и своите услуги против МПЦ. Зарем има уште некој наивен да верува дека сѐ лошо што се случи во последно време помеѓу МПЦ и СПЦ се случи заради некакви идеали, заради некакво канонско и литургиско единство и исцелување на некаков раскол? Господ да чува од такви заблуди!
Секако, не треба да се заборави и неговата идеја да стане Архиепископ, како и неговите крајно нарушени односи со Синодот на МПЦ. Се надоврзаа многу непромислени и ирационални работи... Сепак, гревот го мразиме, а грешникот го љубиме... Од мене му е простено...
5) Во што се состои одговорноста на СПЦ во врска со настанатата криза?
Некои епископи на СПЦ се обидоа да ја искористат настанатата криза во МПЦ за своја лична промоција во задкулисната борба околу патријаршискиот престол во СПЦ. Просто, ја загризаа мамката: во обидот да ја сочува својата висока црковна позиција Вранишковски се послужи со лажни информации и ветувања, односно дека уште голем број епископи, свештеници, монаси и верен народ од Р. Македонија заедно со него ќе се приклучат кон СПЦ ако тој ја добие нивната поддршка, иако добро знаеше дека тоа не е вистина. Ваквата информација никој од одговорните епископи на СПЦ не ја провери - работа која можеше да се заврши со едно подигање на телефонска слушалка. Според мене, нивната одговорност е многу поголема.
6) Колку политика има во сите овие црковни случувања?
Многу, да не речам сè е политика. Видете, на чисто теолошко ниво во Ниш ние ги восогласивме речиси сите дотогашни канонски и литургиски недоразбирања помеѓу нас и постигнавме еден нацрт-договор со СПЦ многу поповолен отколку што на пример некои Цркви имаат со Цариградската Патријаршија. Некои Цркви, на пример како Грчката, обврзани се да одат во Цариград за варење на Светото миро (со кое се совршува Светото Крштевање) и од таму го добиваат, со што се доведува во прашање и самата нивна автокефалност. Ние во нацрт-договорот издејствувавме од српските епископи Светото миро да го вариме во Скопје, а во Белград да одиме на чинот на подготовката на Светото миро само како сведоштво на заедницата што ја имаме во Светиот Дух.
Светото миро, согласно светите канони на Црквата, може да го подготвува секој епископ во својата епархија и тоа истовремено е еден инструмент со којшто епископот го контролира своето свештенство. Но не може подготовката на Светото миро да биде инструмент со кој ќе се контролираат цели помесни Цркви. Сите епископи што мораат да одат за подготвување на Светото миро во Цариград се сведуваат на викарни епископи на Патријархот, а нивните Цркви фактички ја губат својата автокефалност.
Но, откако безмалку и без поголеми несогласувања ја утврдивме црковната содржина на работниот документ, ние веднаш се разидовме и се судривме со српската комисија кога на ред дојде политичката димензија и содржина на договорот. Уште на самиот работен состанок во Ниш, а тоа стои негде во записниците, и наши и нивни, јасно им предочивме и ги предупредивме српските делегати дека без терминот ’самостојност’ и без името ’Македонска Православна Црква’ нема никаков договор со нив ниту ваков договор може да помине кај Светиот Синод на МПЦ. Така и се случи. Уште на првата седница на нашиот Синод после Ниш работниот документ беше едногласно и без дискусија отфрлен како пастирски недооформен, со надеж на пастирски подобро решение по продолжувањето на разговорите.
Битно е дека со неприфаќањето на нашето уставно име - Македонска Православна Црква - и со неприфаќањето на самостојниот статус на нашата Света Црква од страна на СПЦ и после сценариото ’Вранишковски’ што некои српски епископи брзоплето го организираа, јасно за сите се пројави чисто политичката димензија на проблемот меѓу нашите Цркви. Тоа најмногу од сè покажува дека некои црковни лидери се изгубиле во лавиринтот на световната политика, а дека догмите и каноните на Црквата ги користат само како средство на психолошка војна. Едноставно кажано, проблемот е името ’Македонија’ кое требаше да го нема, а на која задача работеа некои српски епископи, пред сè заради своите големосрпски интереси.
7) Очигледен е обидот на одметнатиот митрополит Јован да се претстави како маченик, како ќе го објасните ова?
Да, сите сме сведоци на очајничкиот, противзаконски и нецрковен обид на бившиот Повардарски Митрополит со цел за сигурна корист: или да успее да привлече свои приврзаници или од целата ситуација да излезе како маченик. Едноставно немаше друг избор. Замислете каков ќе му беше рејтингот во СПЦ ако покрај тоа што не успеа да привлече народ не успееше да се стекне и со маченички имиџ во нивните очи? Навистина, неговото пастирско промашување е евидентно, тој не успеа да отцепи дел од македонскиот народ и да го приклучи кон СПЦ. Но, стекнувањето со маченички имиџ во очите на некои наивни и неинформирани луѓе надвор од Р. Македонија делумно му успеа. Само што, Православната Црква не е без духовен критериум за тоа што е вистинско мачеништво, а што лажно.
На првото духовно ниво, кога нашето срце е сѐ уште заробено од страстите, демонот напаѓа од внатре, затоа што има слободен пристап (преку страстите), но само со интензитет на предизвикување помисли, чувства и желби, кои ако ги прифатиме паѓаме. На второто ниво, кога нашето срце е доволно очистено од страстите, демонот не може да нападне однатре (преку страстите), односно заради чистотата на срцето таквиот вид напад не му е доволен за да предизвика пад и затоа тогаш нападот се случува преку луѓе коишто се робови на страстите, а подбуцнати од него. На ова ниво не сме повеќе дел од светот. На ова ниво сме носители на дарот на умносрдечната молитва и на просветленоста на умот. Нападот преку луѓе е пореален и секогаш доволно силен за да го разбуди и поттикне недопреобразениот дел од страстите и да создаде услови за наш пад. Видливиот напад преку луѓе, иако на почетокот е насочен кон поттикнување на сите недопреобразени страсти во нас, на крајот откако нема да успее секогаш се сведува на јавно непријателство и омраза. Ова е неопходен стадиум низ којшто мора да помине секој подвижник на умносрдечната молитва, кој одговарајќи со љубов на секое непријателство се удостојува со дарот на премин од ’просветлување’ кон ’обожение’.
Умносрдечната молитва е дар Божји на посовршена молитва кој го добиваат подвижниците што се наоѓаат на вториот степен од духовниот раст кој се нарекува ’просветлување на умот’, како и дар кој го добиваат вистинските маченици заради Христос. Затоа, човек што доживува јавно непријателство и омраза, а нема умносрдечна молитва - ни пред страдањето ни потоа - како Вранишковски, подобро во случајов нека се запраша зошто го предаде својот народ и Црква, отколку да се смета за маченик, и подобро е да нè поштеди од изјави во стилот: „затворен заради Христос и во темница просветлен“.
8) Вранишковски во интервју за еден неделник членовите на Синодот ги окарактеризира како целосно аморални личности – еден како соучесник во убиство, други со лепливи прсти за пари, трети како политиканти кои менуваат ставови секој ден. Во таа негова изјава, темпирана токму во овој момент, црковниот врв во „аргументите“ на расколникот гледа јавна инвестиција за завршната пресметка со МПЦ. Како го толкувате тоа Вие?
Тоа што го прави Вранишковски во политичкиот живот се нарекува негативна кампања. Тоа е неправославен и нецрковен начин со кој се обидува да одвои верен народ од МПЦ и да го привлече кон себе. Едно е да привлечеш кон себе народ со својот духовен авторитет, а друго е да се обидеш тоа да го направиш со јавно судење и осудување или со клевети и лаги. Во Православната Црква не важи принципот ’целта ги оправдува средствата’. Тоа е знак на слабост и несигурност, и на пораз. Но, таквиот начин е и кривично дело заради кое е осуден и со казна затвор од надлежниот суд. Оваа судска одлука ја прифати и американскиот State Department кој во својот годишен извештај објави дека во Република Македонија нема затворени заради верско убедување. И на крајот, таквиот начин говори за него самиот, како што ги открива и сите оние што се духовно празни или слепи и кои не можат да го сфатат Евангелието Христово. А таму убаво пишува: каде што е трупот, таму и орлите ќе се соберат. Што значи тоа? Каде што има духовен Отец со умносрдечна молитва, односно Отец чија личност е преобразена од Божествената благодат на Крштението - којашто се пројавува од неговото ослободено од страстите срце, таков чиешто преобразено слово е со голема власт и сила и затоа длабоко продира во срцата на луѓето и им носи светлина и сила и надеж и ги привлекува кон себе, таму луѓето ќе се соберат и таму ќе се случи Црква. Ако такви беа луѓето од српскиот висок клир или ако такви беа оние што ги испратија да формираат паралелна ерархија во Р. Македонија, борбата ќе беше тешка и ќе размислевме дали можеби ова што го прават не е и Божја волја. Сега нема причина за вознемирување.
9) Дали разговорите со СПЦ ќе продолжат?
Верувам и се надевам дека треба и дека ќе продолжат. Тоа е став и на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и на Рускиот Патријарх Алексиј II кој се понуди себе си и како посредник, како и на другите Цркви. Кон ова посочува и нашата последна средба во Ниш и работниот документ таму донесен. Интересно е што и оние коишто го бранат и оние што го напаѓаат овој документ забораваат дека е тоа, како што и самиот негов наслов вели нацрт-договор, а не конечен договор.
Она што е битно за меѓуцрковното договарање е фактот дека каков било конечен договор меѓу Црквите прифаќаат или одбиваат само нивните Синоди или Собори. Значи, јасно е дека без согласност на Синодот на МПЦ и Соборот на СПЦ и без потписите на двајцата Поглавари никаков договор не може да биде прифатен и валиден. Затоа, потписите на членовите на двете комисии се ирелевантни во таа смисла дури и ако потпишеа конечен, а не само нацрт-договор. Што е уште позначајно, ниту Патријархот Павле и бившиот Повардарски Митрополит се повикаа на некаков ’Нишки договор’ при формирањето на Српскиот егзархат во Македонија, ниту Српскиот егзархат спроведува таков договор, ниту пак таков договор постои. Постои нацрт-договор како работна верзија врз која уште треба да се восогласуваат ставовите на двете комисии.
Значи, и од последниот работен документ од Ниш и од потписите на членовите на двете комисии токму таа морална и правна обврска произлегува за двете Цркви, а тоа е обврската да се продолжат разговорите.
10) Дали затворањето на Вранишковски е пречка за продолжување на разговорите?
Да, релативна пречка, но има начин да се реши: тоа е одлука за негово помилување заради прекин на непријателството со СПЦ. Тоа не значи дека кривичното дело не постои, но ако СПЦ од своја страна се откаже од досегашниот начин на решавање на црковниот проблем, тогаш би се создала друга атмосфера и би можело да следи помилување како одлука на Претседателот на Државата. Oвој исход би бил прифатлив. Значи СПЦ и Вранишковски треба да престанат со недозволен напад врз овие три компоненти - свештенството и народот, името на Црквата и титулата на Поглаварот, како и црковниот имот - затоа што ваквиот напад непобитно говори дека главна нивна цел е разнебитување на МПЦ, а не формирање на нова верска заедница.
Но, треба да им овозможиме на луѓето и услови да видат каде се. Ако не излезат од психолошката состојба на 'прогонети', нема нивна ресоцијализација. Размислувам како духовен отец...
11) Што Ви пречи во политичкиот живот на Република Македонија?
Параноја и лудост и големо предавство е кога тргнувајќи од своја лична корист или од омраза и желба да се сруши Бранко или Љупчо, Хари или Владо, се оди до таму да се руши Македонската држава. Исто така, параноја и лудост и големо предавство е кога тргнувајќи од своја лична корист или од омраза и желба на пример да се сруши Кирил или Наум се руши Македонската Православна Црква. Потребно и единствено нормално е во сите јавни потези што земаат политички размери да се претпочитаат демократските или Божјите процеси на промена и да се чува свеста дека луѓето се минливи, но дека Република Македонија и Македонската Православна Црква мора да останат до крајот на векот. И не треба да ги сведуваме нашите недоразбирања на ниво на лична омраза, раздори и јавни навреди, туку силата и знаењето да си ги трошиме во понуда на конструктивни предлози и решенија, во делотворна љубов кон Татковината и Црквата. Доколку, пак, се случи некогаш нашите суети да нè разделат, сигурно еден ден, ако останеме на линија на браникот на Татковината и Црквата, повторно ќе се најдеме и ќе ја возобновиме нашата заедница.
Затоа, кој свесно ќе излезе предавник на Црквата и на Државата, а нема да се покае за тоа, воопшто нека не се сомнева, Бог ќе му суди уште тука, во овој земен живот! Таквиот ќе се сети на овие зборови кога ќе дојде часот, само тогаш да не биде касно... Ова не е анатема, ова е татковско предупредување и молба.