До Светиот Архиерејски Синод на Православната Црква на Чешките земји и Словачка (03.02.2006)
“Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата”
(2. Кор. 5, 1)
Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенства,
Драги браќа во Христа Господа,
Со жалење ја примивме веста за упокојувањето на Неговото Блаженство, г. Николај, Архиепископот Прешеовски и Митрополитот на Чешките земји и на Словачка.
Не само Вашата Света Црква и Православието во Чешка и Словачка, туку и целиот православен свет загуби боговдахновен архипастир и Христоподобен првоерарх, исполнет со богољубие и братољубие, до целосна подготвеност за жртва, работејќи на нивата Господова.
Неговото богомудрие и човекољубие го почувствувавме и го примавме и ние, преку Неговата нелицемерна и евангелска љубов кон Македонската православна црква.
Во личноста на Блажењејшиот Митрополит Николај изгубивме и Вие и Ние еден цврст столб на Православието во современото наше живеење и постоење.
До вас, браќата архиереи на Православната црква во Чешка и во Словачка, до свештенослужителите, монасите и верниците на вашата Света Црква, ја искажуваме нашата болка и тага од името на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, од името на нашите свештенослужители, монаштвото и народот во Македонија, и Му се молиме на Семилостивиот Бог и нашиот Спасител Господ Исус Христос да ја прими душата на починатиот архипастир.
Нека му е вечен споменот и Бог да го прости.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
+ С Т Е Ф А Н