Бдение на Благовештение (07.04.2006)
Според благочестивата традиција за денешниот празник, во спомен на мистичниот настан на јавувањето на добрата вест на архангелот Гавриил кон Пресветата Дева, ноќеска, во манастирот на свети Јован Крстител (Бигорски), беше отслужено сеноќно бдение на Благовештение.
На бдението свештенослужеше игуменот на манастирот, архимандритот Партениј, со отците од монашкото братство во Бигорски, со свештеномонахот Вартоломеј од манастирот на Сите Свети во Лешани, и со о. Сашо Ристески од црквата на Свети Климент Охридски на Плаошник.
Во прекрасна духовна атмосфера и во присуство на верници од многуборјни краишта на Р. Македонија беа отслужени Акатистот кон Пресвета Богородица на Благовештение, празничната Вечерна и Утрена боголужба, со петтолебие и литија, а по кратка пауза потоа започна Златоустовата Божествена Литургија. Голем дел од гостите на бдението допатуваа со организиран превоз од Скопје, од Прилеп, од Битола, Кочани, Охрид и од други краишта, а други дојдоа со сопствен превоз. На крајот од богослужењата гостите и монашкото братство се упатија кон манастирската трпеза за поткрепа на телесните сили.
Со благодат Божја преку прекрасното славословење на свештениците и на певницата бдението на неискажлив начин повторно ја пренесе благата вест меѓу притекнатите верни, а за доброто утврдување на срцата во чекорењето по патот на нашиот Господ, на сите Свети и особено на Пречистата Дева, со духовна беседа се погрижи архимандритот Партениј.
Кај месното население постои предание дека некогаш овде постоел параклис посветен на светото Благовештение. За љубовта кон ова сеќавање игуменот Партениј параклисот во склопот на Долни палат од манастирскиот комплекс му го посвети на овој празник.