Велигден во Скопје (27.04.2006)
Воскресенска порака на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, изговорена на Велигден, пред соборниот храм во Скопје
Возљубени велигденци,
Да Му благодариме на Бога што и нас, еве, нè удостои да бидеме сведоци на Неговата слава и учесници во радоста што е подготвена за оние што Го следат, слава и радост за сите генерации и за сите времиња. Сите ние овде збрани и насекаде по светот, како и нашите претшественици, сме придружници на мироносиците, сопатници со апостолите и со сите сорадосници заради воскресението во изминативе две илјади години.
Со настанот од она рано неделно утро – со Своето воскресение, Господ Исус Христос потврди дека е вистински Бог. Со победата над смртта Господ Спасителот ги потврди сите Свои вечни вистини. Ете затоа, во тоа чудо над сите чуда, е тајната на нашата вера - верата во Христа воскреснатиот и Неговото свето Евангелие.
Сè што Господ Христос рекол, сè што ветил и сè што направил за време на Својата дејност на земјата – го потврдил со Своето воскресение!
Па, сè ќе беше лага и измама: и Неговото, и тоа на апостолите, и она на следбениците и ова нашево – ако Христос не воскреснеше!
Кој ќе можеше да верува во воскресението ако Тој, Христос, останеше во гробот? Кој ќе можеше да исповеда дека Тој, Христос, е вечниот живот, ако Неговиот живот завршеше на крстот на Голгота? Кој ќе поверуваше во Него, во Христа, дека е Син Божји и Спасител, ако само умреше - а не воскреснеше?
Но, Христос навистина - и страдаше, и беше распнат и погребан и навистина воскресна во третиот ден и се јави - и еднаш, и двапати, и трипати, и десетпати, и четириесетпати... Тој и денес се јавува во верата на сите што веруваат, на сите коишто совоскреснуваат со Неговото воскресение.
Возљубени чеда на нашата света Црква,
И ние како народ сме сведоци за Христовото воскресение! – Дваесет столетија го следиме Христовиот пат, дваесет векови го носиме Христовиот крст и, еве, скоро две илјади години тагуваме заради сè што Христос претрпе на земјата, но и се радуваме заради Неговото славно и сепобедно воскресение.
Благодарение на Неговото име опстоивме и веруваме дека и ќе опстоиме, и овде во Татковината и насекаде по светот.
Македонецот каде и да е, со Христа е! Живеејќи со Христа, живееме и ќе живееме со Неговото име, славејќи го вечно Неговото светло воскресение. Амин!
Христос воскресе!