Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Светoл Четврток (28.04.2006)

Традиционално како и минатите години, во четвртокот од Светалата седмица, Владиката на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј отслужи Божествена Литургија во црквата на Св. Јован Богослов - Канео во Охрид во сослужение на свештенослужители од Охридското архиерејско намесништво.

Оваа црква која се наоѓа на мошне живописно место во стариот дел од градот Охрид на крајбрежјето на Охридското Езеро, изградена во XIV век, на овој ден беше посетена од голем број на православни христијани од Охрид и околината.

Пред почетокот на Божествената Литургија Владиката г. Тимотеј изврши благословување и осветување на новиот иконостас, кој беше поставен пред неколку дена. Иконостасот е изработен од резбано оревово дрво и е дело на охридската тајфа Џамбазови, додека иконите беа изработени од охридскиот академски сликар Владо Коцарев.

На крајот од Божествената Литургија Владиката г. Тимотеј се обрати кон присутните верници со поучно велигденско слово, а потоа сите заедно се собраа во дворното место на црквата, каде што свештенослужителите заедно со својот Владика извршија водосвет.

известува: о. Игор Никовски