Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Возобновен конакот на манастирот на свети Јован Бигорски (29.05.2006)

 

Вчера, во Бигорскиот манастир посветен на Претечата Господов, свети Јован Крстител, свечена Aрхиeрејска Литургија oтслужи Поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение со Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Агатангел, викарниот Епископ Хераклејски г. Климент, архимандритот Нектариј и архимандритот Партениј со повеќе свештенослужители од епархиите на присутните Епископи. На Литургијата присуствуваше и Неговото Преосвештенство г. Генадиј од Бугарската Православна Црква. После Божествената Литургија, сите присутни се упатија кон новиот конак ’Долни Палат’ кадешто беше  извршено осветување на неговите простории. 

 

 

                    

 

 

                   

 На ова му претходеа макотрпни години на работа и напор за сето ова да изгледа блескаво и сјајно како и пред повеќе од 2 века. Оваа идеја на о. Партениј, игуменот на манастирот, со благослов на надлежниот архиереј г. Тимотеј, се провлекуваше подолго време, иако со мал застој во нејзината реализација, заради опремувањето на светиот храм, како и промената на покривот на ’Горни Палат’, целосната опрема во ентериерот, како и надворешната заштита на фасадата и дрвото, вклучувајќи ги електрификацијата и водоводот, како и градбата на новите конаци во Рајчица кадешто заживеа женски манастир.

Инспирацијата да се обнови ’Долни Палат’ беше пред сѐ заради лошото решение (и изведба) при санацијата на штетите од пожарот кој се случил во 1912 год., како и сѐ поголемиот наплив на верници кои сакаат да преноќат во манастирот, заради присуство на прекрасните богослужби со прекрасно византиско (македонско) пеење, исповед, молитви…

  

 

 

                         

 

 

После осветувањето на конакот пригодно слово одржа надлежниот Архиереј г.Тимотеј, кој со присутните браќа архиереи го сподели своето видно задоволство од постигнатото во неговата епархија, а посебно со изгледот, естетиката, како и ентериерното уредување на собите.

Посебно важно што треба да се нагласи е тоа дека Владиката Тимотеј покажува татковска љубов кон монашките братства во својата Епархија, а посебно во овој манастир на игуменот, архимандритот Партениј, му даде целосна поткрепа, слобода и доверба без коишто ’Долни Палат’, а и самиот Бигорскиот манастир и неговиот метох не би засветлиле во сегашниот сјај и полнота.

 

 

 

                    

 

 

Хорот на Македонската Православна Богословија, којшто специјално за оваа прилика присуствуваше во полн состав, заедно со својот учител и диригент Георгиј Секулоски ја збогати свеченоста.

 

 

 

                  

 

 

Архиепископот г.г. Стефан во својата беседа помеѓу другото рече дека денес се радуваат сите што го знаат Бигорски, зашто истиот со овој возобновен конак е уште поубав одошто беше. Денес, Бигорски е најубав зашто најмногу е разубавен со подвигот на возобновеното монашко братство под раководство на игуменот Партениј и со видливата љубов на нашиот народ... Бигорски е дар од Бога… а денес како да ни порачува: доста ни се делби и поделби - потребно ни е единство во љубовта кон Црквата Христова…

„Возљубени, ми се чини дека овде во Бигорски како на ниедно друго место, при секое доаѓање нѐ исполнува некое чудно чувство: истовремено и чувство на тага и чувство на гордост. Секогаш бил извор на утеха и надеж, бил неисцрплив вруток на духовна сила и непоклолеблива вера. Таков бил и таков останува да биде за секој православен Македонец и за секој богобојазлив човек. За тоа сведочи постојаното навраќање и присуство на луѓе коишто им припаѓаат на различни конфесии, луѓе коишто на свој начин го сакаат, почитуваат и го помагаат манастирот.”   

Потоа, Архиепископот г.г. Стефан го поздрави ктиторот г-дин Трифун Костовски кому му врачи грамота за голем добротвор и Светиклиментов орден од
II ред.     

 

Сета оваа Божја благодат е добиена заради смиреноста на игуменот, хармонијата при извршувањето на послушанијата на братството, кои сѐ оставија, заради Царството Небесно, и барајќи го него, сѐ друго им се придаде.

Големиот неимарски талант, архимандритот Партениј, го умножува и преумножува, не само на градителски план, туку и при наѕидувањето на духовното кај своите собраќа монаси, сестри монахињи, но и на стотиците духовни чеда низ Македонија, но и подалеку.

Освен финансиските проблеми, за чие разрешување Бог промислуваше да се разрешат во вистинскиот миг, преку испраќање на добри луѓе, кои даваа материјално, за да и самите добијат духовен благослов, о. Партениј, мораше да ги надзира сите градежни зафати, како и да решава безброј проблеми, кои се наметнуваа заради специфичниот стил на градбата, и урнекот кој го имаше пред себе на старите фотографии и во архитектонскиот стил на ’Горни Палат’.

         

 

 

                                

 

 

После осветувањето беше поставена трпеза на љубовта за укрепување на многубројните верни кои пристигнаа од Дебар, Гостивар, Тетово, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Скопје и од други места.

 

 

 

известува: отец Доситеј од манастирот Бигорски