„Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле“ (Мат. 25, 45) (07.12.2006)
Чудесна е заедничката декларација на папата Бенедикт XVI и патријархот Вартоломеј I, ќе си рече човек под впечаток на првото нејзино прочитување. Но, ако малку размисли, ќе види дека многу од позитивните пораки на оваа декларација не важат за нејзините православни потписници кога е во прашање Македонската Православна Црква, македонскиот народ и македонскиот човек. Секако, од тој момент не важат за никого.
Наместо отповикување на старите анатеми, подготвеност да се фрлаат нови.
Наместо продолжување на богословскиот дијалог, негово одолжување и оневозможување.
Наместо соработка и заедничко сведоштво пред светот за негово спасение – војна и сведоштво на сопствените страсти на славољубие и властољубие, за соблазна на најмалите Христови браќа.
Наместо почитување на малцинствата, нивните културни традиции, како и правата на секоја човечка личност, создадена според образ и подобие на Бога, и нејзината верска слобода – негирање на цел еден народ и неговата културна традиција, газење и плукање по Христовиот лик во секој Македонец.
Наместо што ги поздравувате сите други христијани и ги уверувате дека сте отворени за дијалог и соработка, пробајте најнапред да се сретнете барем на половина час со архиепископот Охридски и Македонски – вашиот православен брат и сотрудник на нивата Христова, поглавар на Православната Црква во Република Македонија, и тогаш ќе почнеме да ви веруваме.
од редакцијата на официјалниот web site
на Македонската Православна Црква
Заедничка декларација на папата Бенедикт XVI и патријархот Вартоломеј I
„Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него!“
(Пс. 117, 24)
Оваа братска средба што нѐ спои нас, римскиот папа Бенедикт XVI и цариградскиот патријарх Вартоломеј I, е Божјо дело, и во извесна смисла Негов дар. Му благодариме на Создателот на сѐ добро, Кој уште еднаш ни дава можност, во молитва и дијалог, да ја изразиме радоста што ја чувствуваме како браќа и да ја обновиме нашата посветеност за двиг кон полна евхаристиска заедница. Оваа посветеност е плод на Божјата волја и нашата одговорност како Пастири на Црквата Христова. Нека нашата средба биде знак и поттик за нас да ги споделиме истите чувства и истите ставови за братство, соработка и заедница во доброчинство и вистина. Светиот Дух ќе ни помогне да го подготвиме големиот ден на возобновување на целосно единство, кога и како што ќе благоволи Бог. Тогаш вистински ќе можеме да се зарадуваме и развеселиме.
1. Си спомнавме со благодарност за средбите на нашите преподобни претходници, блажени во Господа, кои на светот му ја укажаа итната потреба за единство и пробија сигурни патеки за да се постигне тоа, преку дијалог, молитва и секојдневниот живот на Црквата. Папата Павле VI и патријархот Атинагора I беа на поклонение во Ерусалим, на самото место каде што Исус Христос умре и воскресна заради спасението на светот; тие исто така повторно се сретнаа овде, во Фанар, и во Рим. Тие ни оставија заедничка декларација што ја сочува својата вредност; во неа е нагласено дека вистинскиот дијалог во доброчинство мора да ги одржува и поттикнува сите односи меѓу поединците и меѓу Црквите, дека тој „мора да биде вкоренет во потполната верност на Едниот Господ Исус Христос и во взаемното почитување на нивните сопствени традиции“ (Tomos Agapis, 195). А не ги заборавивме ни взаемните посети на Неговата Светост Јован Павле II и Неговата Светост Димитриј I. Токму при посетата на папата Јован Павле II, неговата прва екуменска посета, беше најавено создавањето на мешаната Комисија за богословски дијалог меѓу Римокатоличката и Православната Црква. Ова ги обедини нашите Цркви во прокламираната цел за возобновување на потполна евхаристиска заедница.
Што се однесува на односите меѓу Римската и Цариградската Црква, не можеме а да не го спомнеме свечениот црковен чин на отповикување на старите анатеми, кои низ вековите имаа негативно влијание на нашите Цркви. Сеуште немаме извлечено полза од сите позитивни последици од овој акт што би можеле да се појават при нашето напредување кон целосно единство, кон што мешаната Комисија е повикана значително да придонесе. Апелираме на нашите верни активно да учествуваат во овој процес преку молитва и значајни дела.
2. За време на пленарната седница на мешаната Комисија за богословски дијалог, која неодамна беше одржана во Белград со штедра гостољубивост на Српската Православна Црква, ја изразивме нашата длабока радост заради продолжувањето на богословскиот дијалог. Тој беше прекинат веќе неколку години заради разни проблеми, но сега Комисијата можеше одново да работи во дух на пријателство и соработка. Разгледувајќи ја темата „Соборност и овластеност во Црквата“ на локално, регионално и светско ниво, Комисијата се зафати со проучување на еклисиолошките и канонските последици на светотаинската природа на Црквата. Оваа ќе ни овозможи да допреме некои од клучните прашања што сеуште се спорни. Решени сме да обезбедиме непрестајна поддршка, како што беше и во минатото, на работата доверена на оваа Комисија и во нашите молитви ги имаме нејзините членови.
3. Како Пастири, ние најнапред се потсетивме на мисијата на проповед на Евангелието во денешниот свет. Оваа мисија, Одете и научете ги сите народи (Мат. 28, 19), денес е поактуелна и понеопходна отколку порано, дури и во традиционално христијанските земји. Исто така, не можеме да го игнорираме растежот на секуларизација, релативизам, па дури и нихилизам, особено во Западниот свет. Сето ова бара обновена и моќна проповед на Евангелието, прилагодена на современите култури. Нашите традиции за нас претставуваат наследство што мора постојано да се споделува, предлага и одново да се толкува. Заради тоа мораме да ја зацврстиме нашата соработка и нашето заедничко сведоштво пред светот.
4. Ние позитивно го оценивме процесот што доведе до формирање на Европската Унија. Инволвираните во овој голем проект не треба да пропуштат да ги земат предвид сите аспекти што влијаат на неотуѓивите права на човековата личност, особено на верската слобода - сведок и гаранција за почитување на сите други слободи. При секој чекор кон обединување, мора да бидат заштитени малцинствата со нивните културни традиции и особени одлики на нивната религија. Во Европа, останувајќи отворени кон другите религии и нивните културни придонеси, мораме да ги здружиме нашите напори за зачувување на христијанските корени, традиции и вредности, да обезбедиме почит кон историјата и на овој начин да дадеме придонес во европската култура на иднината и во квалитетот на човечките односи на секое ниво. Во овој контекст, како да не се повикаме на самите древни сведоштва и величественото христијанско наследство на земјата во која се среќаваме, почнувајќи со она што Делата апостолски ни го кажуваат во врска со светиот Павле, Апостолот на незнабожците? Во оваа земја се среќаваат евангелската порака и древната културна традиција. Оваа врска, која толку многу придонесе во нашето заедничко христијанско наследство, останува актуелна и во иднина ќе донесе повеќе плодови во евангелизацијата и нашето единство.
5. Нашиот интерес се протега на оние делови од денешниот свет каде што живеат христијани и на потешкотиите со коишто тие нужно се соочени, особено сиромаштијата, војните и тероризмот, но исто така и на разните облици на експлоатација на сиромашните, емигрантите, жените и децата. Повикани сме заеднички да работиме на промовирање на почитувањето на правата на секое човечко суштество, создадено според образ и подобие на Бога, и да го поттикнуваме економскиот, социјалниот и културниот развој. Нашите теолошки и етички традиции можат да претставуваат цврста основа за здружен пристап во проповедта и делувањето. Пред сè, би сакале да нагласиме дека убивањето невини луѓе во име на Бога е престап против Него и против човековото достоинство. Сите ние мораме да се посветиме себеси на обновената служба на човештвото и на одбраната на човечкиот живот, на секој човечки живот.
Ја имаме длабоко на срце целта за мир на Блискиот исток, каде што нашиот Господ живееше, пострада, умре и воскресна, и каде што големо мнозинство наши христијански браќа живеат со векови. Искрено се надеваме дека одново ќе биде воспоставен мирот во тој регион и дека ќе биде зајакнат соживотот меѓу различните нации што таму живеат, меѓу Црквите и меѓу различните религии што таму постојат. За оваа цел ние се залагаме за воспоставување на блиски односи меѓу христијаните и за автентичен и искрен меѓуверски дијалог, со намера да се спротивставиме на секаков облик на насилство и дискриминација.
6. Во моментов, соочени со големите закани за природната околина, сакаме да ја изразиме нашата загриженост поради негативните последици за човештвото и за целото создание што можат да произлезат од економскиот и технолошкиот напредок, којшто не знае за мерка. Како верски водачи, сметаме дека е наша должност да дадеме поттик и поддршка на сите напори направени во заштита на Божјото создание, и на идните поколенија да им оставиме во наследство свет во којшто тие ќе можат да живеат.
7. На крајот, нашите мисли се свртени кон сите вас, верните на нашите две Цркви ширум светот - епископи, свештеници, ѓакони, мажи и жени верници, мирјани вклучени во црковните служби, и сите крстени. Ги поздравуваме во Христа другите христијани, уверувајќи ги дека се во нашите молитви и дека сме отворени за дијалог и соработка. Ве поздравуваме сите вас со зборовите на Апостолот на незнабожците: Благодат и мир од Бога Отецот наш, и Господа Исуса Христа! (2. Кор. 1, 2).
Во Фанар, 30 ноември 2006 г.
Бенедикт XVI Вартоломеј I