Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Интервју со Митрополитот Струмички г. Наум во весникот „Дневник“ (06.01.2007)

English / Русский / Româna / Српски

 

Што би требало да знае современиот човек за духовниот живот?

Духовниот живот е неискажана радост, залог за полнота на секој наш копнеж за љубов, слобода, личен однос, знаење и вечност. Духовниот живот е последна надеж, утеха и лек за современиот човек – изгубен, празен, измачен и исплашен од постојаните промашувања, од страстите, од гревот, од болеста, од демонот што го следи и од смртта. Секоја несреќа произлегува од недуховен или погрешно воден духовен живот. Сите имаме потреба од духовен живот и од духовно раководство. Духовен учител е човек којшто е носител и сведок на енергијата на Светиот Дух.

За жал многу малку го познаваме своето духовно наследство. За тоа сме виновни сите по малку, но најголема е секогаш личната одговорност. Живееме на вулкан под нашите нозе, а бараме светлина и топлина по далечни и сомнителни жаришта. Природно, искрено и чесно е најнапред да се почитува, запознае и провери своето духовно предание, а потоа и туѓите духовни традиции ако за тоа има потреба.

Дваесет и првиот век е век на брзи комуникации и лесно достапни информации; век на печатени и електронски медиуми. Севкупниот опит во православниот духовен живот е запишан од светите отци-аскети. Денес, во голем обем тој е достапен во печатен и електронски облик и на македонски јазик. Доволно е да имаме конекција за интернет во нашиот дом. Дури и со духовниот отец може да се советуваме преку мобилен телефон или преку интернет. Прочитаното и слушнатото, пак, искуство може секогаш да се провери во пракса, преку личен опит.
          
Она што посебно би сакал да го истакнам, доволно проверено и преку сопствениот опит, е постоењето на чудесниот ред и хармонија во православниот духовен живот и подвиг. Според отците-аскети постојат три нивоа (или степени) на духовен развој поврзани со состојбата на срцето како духовен центар на човекот: ‘чистење на срцето од страстите’, ‘просветлување на умот’ и ‘обожение на личноста’. На овие три степени хармонично се надоврзува севкупниот духовен живот. Јасно поставениот, проверен и посведочен хармоничен поредок не трпи импровизација. Ако не водиме духовен живот согласно Преданието на светите Отци, односно ако импровизираме наместо правилно да го поминуваме патот од очистувањето на срцето од страстите до добивањето на дарот на умносрдечната молитва и просветленоста, тогаш треба да бидеме сигурни дека повеќето од она што ни се случува, а за кое ние мислиме дека е духовно доживување, всушност спаѓа во категоријата „душевност“. 

           
На што мислите кога спомнувате ред и хармонија во духовниот живот?
Како што спомнавме, препознатливи се три нивоа на духовен развој на личноста на секој човек: очистување, просветлување и обожение. На секој од претходно наведените степени на духовен развој му соодветствува одреден вид на молитва и внатрешен процес на преобразување. Потоа, на секој од степените може да разликуваме посебен духовен подвиг и посебен вид на искушенија. На секој од овие три степени се одвива и одреден, специфичен и различен за секое ниво, духовен однос на духовното чедо со духовниот отец. Во зависност од тоа на кое духовно ниво се наоѓа човекот, тој на различен начин и со различна сила Го сведочи Бога. Постојат три степени на богопознание, итн... Ништо од наведеното не може да се превиди или прескокне. Сè е меѓусебно хармонично и совршено поврзано.

 

Ќе ни објасните ли нешто повеќе за видовите на молитва?

Најпрво да видиме каква молитва одговара на секој од степените. По тоа каква молитва има, секој човек може да си го определи степенот или нивото на духовен раст на којшто се наоѓа. На првото ниво, односно во подвигот на очистување на срцето од страстите и од последиците на гревот, на кое се наоѓаат повеќето христијани, карактеристична е усната или умствената молитва, која подвижникот треба постојано да се труди да ја произнесува со усните, тивко или во себе. Притоа умот, смирено и со плач, се собира во зборовите на молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот (грешната)“, а како промена во умот, забележливо е очистувањето и просветлувањето на неговата енергија.

На второто ниво, наречено просветлување на умот, на кое се наоѓаат многу малку луѓе, најчесто монаси, карактеристична е умносрдечната молитва, која подвижникот со внатрешното слово ја изговара нечујно во своето срце. Притоа, умот со смирение и со плач, собран во срцето, се сосредоточува во зборовите на молитвата и човек не знае ништо друго освен за Бог внатре во него. На ова ниво забележливо е отворањето на срцето и очистувањето и просветлувањето на суштината на умот, која се наоѓа во него (срцето), како и соодветно преобразување на телото.

За третото ниво од духовниот раст, кое се нарекува обожение и на душата и на телото на една личност, карактеристична е непрестајната умносрдечна молитва – состојба која ја достигнува еден во секоја генерација. Во благодатната состојба на непрестајната умносрдечна молитва, кога Бог тоа го сака, се случува нешто што од отците во аскетската литература е наречено ‘екстаза’ или ‘грабнување на умот’ и ‘гледање на несоздадената божествена светлина’. Тогаш аскетот со своите преобразени телесни сетила може да го види она што за окото на обичниот човек е сокриено, се исполнува со божествената светлина, љубов и радост и му се откриваат тајните и на сегашниот и на идниот век. Светите отци велат дека Бог Своите Светии не ги остава постојано во оваа состојба за да можат тие со својот опит и знаење да ѝ служат на Црквата. Достигнувањето на третиот степен е претпоставка за најсовршено богопознание.

 

Дали овој поредок важи и за клириците при нивниот избор?

            Според црковното предание, доделувањето на свештенички чинови треба да соодветствува на трите степени на духовниот раст. Постојат три степени во свештеничкиот чин: ѓаконски, презвитерски и епископски. Овие три степени се соодветни на трите степени од духовниот развој: ‘чистење на срцето’ (пракса), просветлување на умот’ (теорија) и обожение (теологија). Оној што е на степенот на очистување од страстите и го поминува правилно под раководство на духовен отец, може да добие ѓаконски чин. Оној што го достигнал степенот на просветлување на умот може да биде ракоположен за презвитер. Оној што го достигнал степенот на обожение може да биде Eпископ.

 

Од каде тогаш произлегуваат многуте проблеми на Православната Црква, покрај таквиот поредок и хармонија кои, како што велите, владеат во нејзиниот духовен живот?

Токму од непознавањето и непочитувањето на поредокот и хармонијата што владеат во духовниот живот. Ова незнаење, непочитување и релативизирање на духовните правила, посебно при ракополагањето во трите свештенички чинови – ѓаконски, презвитерски и епископски, предизвикува сериозно негативни последици во црковниот живот и пошироко. Така, често се случува некој што не е просветлен да стане презвитер или епископ, да стане духовен отец и да раководи со народот. Тогаш се остварува кажаното во евангелието: слеп води слепи. И нема никаков напредок во животот на Црквата. Ако некој самиот не достигнал просветленост, како тогаш ќе им објасни на другите како да го поминат патот на очистување од своите страсти и како да дојдат до просветлување? Ако е срцето затворено за умносрдечната молитва, тоа е знак дека е заробено од некоја страст. Кога срцето во значителна мера се ослободува од страстите тогаш тоа се отвора за умот и човекот го добива дарот на умносрдечна молитва. Кога, пак, умот молитвено престојува во срцето тој се преобразува од божествената благодат на светото Крштение, таму присутна, и на тој начин се просветлува. Ако не ја задоволуваме страста, таа ослабува и згаснува. Кога ја задоволуваме страста, таа се зголемува и нè опијанува. Ако на човек болен од славољубие му дадеме некаква власт само ќе го доразболиме.

 

Нема ли некој да се најде погоден од кажаното?

Должен сум да го пренесам она што го велат светите отци, но не за да навредам или да осудам некого – затоа што пред сè самиот себеси се осудувам – туку за да се осветли темнината на незнаењето. Кога човек знае дека не е достоен за чинот што го носи и дека не е достоен за власта што ја добил во Црквата тогаш тој посмирено ќе мисли за себе и нема со своето суетно и егоцентрично однесување да ги одбива луѓето од Црквата. Истото важи за сите во Црквата. Кога би знаеле дека без умносрдечна молитва немаме и просветлен ум, не така лесно би се осмелувале да изнесуваме јавни судови за прашањата на Црквата или неповикани, без да го бара тоа од нас нашето место и улога во Црквата, да преземаме одредени акции кои потоа само ја влошуваат и така комплицираната состојба. Каков одговор ќе дадеме после пред Бог за таквата лекомисленост и за направената штета? Зар светите отци напразно долги години живееле во манастири и во пустини додека да се очистат од своите страсти и додека да го просветлат својот ум, а дури потоа на повик од Црквата се враќале назад во светот да им помогнат на своите ближни? Затоа тие се свети, а ние не! Ние денес тежнеме кон инстант-духовност. Со неколку прочитани книги или со три-четири години поминати во манастир, или во богословско училиште, мислиме за себе дека сме нешто големо, дека нешто многу знаеме и дека сме повикани да направиме нешто во Црквата. Не! Единствено нешто на кое сме повикани сите, без исклучок, е покајанието, односно преумувањето, односно да се очистиме од своите страсти (сластољубие, среброљубие и најголемата – славољубие) и да го добиеме дарот на умносрдечната молитва и просветленоста. Ако го добиеме тој Божји дар, сè друго е лесно.

 

На што навистина се должи судирот помеѓу МПЦ и СПЦ, чии сведоци сме последниве години?

Надворешниот и јавен судир меѓу Епископите на две или повеќе Цркви, особено кога причина не се догматски и суштински канонски прашања, е последица на непросветленоста, односно на страста од која се тие, повеќе или помалку, внатрешно заробени. Таа страст е секогаш славољубието – желбата за власт и слава. Значи ако една по една ги извадиме сите обвивки со кои е замаскиран проблемот, било да се тие канонски или литургиски или етнофилетистички или политички обоени, на крајот ќе дојдеме до неговата суштина, којашто е славољубието на конкретните личности. Страста за световна власт и слава е неразделна од непросветленоста како и од демонот поврзан со неа.

Што се однесува до случајот помеѓу МПЦ и СПЦ, јасно им е на сите дека, сепак, Епископите на МПЦ не се тие коишто посегаат на туѓи државни територии и на туѓ народ туку, според сопствените духовни сили, се грижат за своите верни. Можеби, секој од нас посебно, како човек, има свои слабости, но ние не правиме погрешни политички потези со такви разорни последици како некои српски Епископи – упорно го негираат и присвојуваат македонскиот народ, а на штета на црковното единство и на штета на општото сведоштво на Богочовекот Христос во светот. Дури може да се рече дека административно сме се одрекле од делови на нашиот народ кои сега се наоѓаат на територии на соседните држави и под јурисдикција на тамошните Помесни Цркви, само заради мир во Црквата. Од иста причина, постојано ги одбиваме барањата да помогнеме при формирање на црковна организација на територија под јурисдикција на СПЦ (Р. Црна Гора).

 

Постои ли во случајот некакво прекршување на каноните?

Истите неколкумина влијателни Епископи на СПЦ еднострано го прекинаа дијалогот со нас не заради несогласувањата околу каноните туку заради нивното неприфаќање на името – Македонска Православна Црква. Сите суштински литургиски и канонски прашања беа восогласени со последниот работен документ на двете комисии за дијалог, освен прашањето за името. Може ли некој од српската комисија за дијалог да ми посочи околу кое канонско прашање не се восогласивме? Нормално, нема такво нешто освен прашањето за името. Затоа и тоа беше петтиот по ред работен документ, но прв што беше потпишан. Нивниот проблем со името на нашата Црква веднаш укажува на чисто политичката природа на овој спор. Повикувањето, пак, на некакво прекршување на каноните на Црквата во контекст на меѓусебниот црковно-политички судир е обична злоупотреба во психолошката војна за придобивање на верни, но неуки, луѓе на нивна страна.

Дијалогот треба да продолжи таму каде што е сопрен со цел да најдеме начин како веднаш да го надминеме недоразбирањето помеѓу нас, а не да се враќаме на она што поминало. Кога веќе сме седнале на масата за дијалог и сме се согласиле околу главните прашања, голема штета е повторно да се враќаме на почеток. И не само тоа, ние имаме и морална обврска, потврдена и со епископски потписи, да изнајдеме решение кое ќе го прифатат и Соборот на СПЦ и Синодот на МПЦ. А блиску сме до тоа. Авантурата што во меѓувреме се случи за сериозни луѓе не треба да е пречка да продолжат понатаму.

Ако има уште такви коишто сакаат да нè вратат назад, односно кои тврдат дека некакво поранешно непочитување на каноните е проблемот, ќе ги запрашаме да ни одговорат, што е поголемо промашување на црковните правила: преминување од веќе признатата самостојност во 1959 г. на автокефалност во 1967 г. (согласно пастирските потреби на нашата Помесна Црква, согласно 34. Апостолско правило и согласно историскиот црковен континуитет) без политичка согласност на надлежниот административен црковен центар – тоа што го направивме ние; или, погрешниот пастирски пристап – тоа што го прават тие? Токму и целата вистина да е на нивна страна, како ќе му ја пренесат и предадат на македонскиот народ, чиешто име и идентитет не го почитуваат и чиишто основни човекови права и достоинство постојано ги газат? Безусловното почитување на нечие име и идентитет е основен црковен пастирски принцип и предуслов за комуникација! Литургиското, пак, „амин“ на верниот народ, кое во случајов било и ќе биде наша поткрепа а не нивна, е главниот теолошки коректив на сите пастирски промашувања, и сегашни и идни.

 

Има ли црковно решение на проблемот?

Признатата самостојност во 1959 година од страна на СПЦ значеше дека МПЦ има свој Синод, свој Поглавар и право на слободен избор на своите Епископи, како и свој Устав и свој Врховен Црковен Суд. Затоа, aдминистративниот премин од веќе призната самостојност на автокефалност сепак не е доволна теолошка и црковна причина за едностраното прекинување на литургиската заедница. Особено не во време на суптилен прогон на Црквата во коешто живееме. Ниту Српската Црква со тоа изгуби нешто од својата полнота, ниту пак на нашата Црква нешто ѝ се придодаде. Прекинувањето на заедничкото сослужување во случајов е преземање литургиска мерка против чисто административен акт. Тоа е несоодветна и теолошки неоправдана црковна реакција. Тоа е политички, а не пастирски чин. Архиепископот на МПЦ никогаш не престана да го спомнува на светата Литургија Патријархот на СПЦ и другите Поглавари, ниту пак сме престанале некогаш да го бараме литургиското единство со нив. Затоа, сите ние заедно, како Епископи, треба што поскоро да се надминеме себеси (да се покаеме) и преку взаемно простување и помирување да го воспоставиме и видливото литургиско единство, односно заедничкото сослужување на Епископите на МПЦ со Епископите на СПЦ на светата Литургија, дури и без претходно да ги решиме сите меѓусебно отворени прашања, а на радост на целата Црква, небесна и земна. Првите христијани сите свои проблеми ги решавале внатре во молитвената заедница, собрани на светата Литургија. И многу посложени проблеми во историјата на Црквата, дури и такви кои засегале во догмите, биле надминувани со одржување и непрекинување на заедничкото сослужување. Еден поучен пример за сите нас, надвор од црковното организирање, е комуникацијата на Р. Македонија и Р. Грција: иако меѓу нив сè уште егзистира проблемот со името, сепак тие не ги прекинаа суштинските меѓусебни односи на сите нивоа, од економско до политичко. Што е најчудно, државите во принцип се непријателски расположени едни кон други. Ние, пак, кои како Цркви сме во суштина едно и кои требаше да бидеме пример на единство, станавме камен на сопнување меѓу народите. Но, имаме и црковен пример за истото: Православната Црква на Америка – исто заради името – никој не ја признава освен Московската Патријаршија, а сите Цркви сослужуваат со неа. Зошто да има двоен аршин кога е во прашање МПЦ? Значи ако сакаме можеме да прифатиме и привремено решение на проблемот, а такви привремени решенија очигледно се познати и од световни и од црковни примери. Во конкретниот случај тоа би значело дека Епископите на двете Цркви би можеле заеднички да сослужуваат врз основа на досега договореното, а проблемот со името да се реши согласно со одлуката што ќе ја донесат засегнатите држави меѓусебно или меѓународната заедница. И така ние како Една Црква не би требало да имаме ништо со тој проблем. Исто така можеме да се договориме во својата взаемна комуникација привремено да ги користиме нашите основни црковни имиња: Охридска Архиепископија, Пеќска Патријаршија, Атинска Архиепископија итн. Ако случајно дозволиме државите пред нас како Цркви да го решат проблемот или, не дај Боже, и потоа да останеме разединети само ќе покажеме дека сме безнадежно болни.

Со заедничкото сослужување радикално би се сменила и перспективата од која се гледа на проблемот. Секој црковен спор изгледа многу пострашно отколку што реално е после прекинот на заедничкото сослужување. Прекинот е во суштина и главниот проблем. Тоа е црковно решение на меѓусебните несогласувања, особено заради немоќта да ја совладаме сами, без Господ, доминацијата на злото и разединетоста и во себе и помеѓу нас. Ние, додуша, и така служиме или сослужуваме и се причестуваме во неколку други Помесни Цркви, но зошто тоа да биде тајно...? Значи, ако простуваме, демонот кој сега раководи со настаните ќе ја изгуби својата власт и ние сите ќе победиме. Тогаш и луѓето ќе нè препознаат дека сме ученици Христови и ќе се прослави Отецот наш небесен. Инаку сега, сите заедно во очите на секој нормален човек изгледаме многу бедно и смешно...

 

Која е Вашата порака за Божиќ?

Во благодатното време и простор на Божиќната Литургија, Бог ни дарува уште еднаш да учествуваме во големата тајна на Христовото Рождество, кое пак треба да е основа на нашето духовно раѓање и духовен живот. Не треба да ги пропуштаме овие моменти на излевање на посебна Божјаблагодат над целото човештво туку треба со пост и молитва според силите, со исполнување на Божјите заповеди и со исповед на своите гревови да се подготвиме за светата причест со Телото и Крвта Христови, како единствен печат и гаранција на нашето учество во Божествениот живот. Христос се роди!