Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Манастирот во Рајчица го прослави споменот на својот заштитник (05.03.2007)

Во втората недела од Великиот пост, на денот кога Црквата Божја го слави споменот на светиот архиепископ Солунски Григориј Палама, во параклисот посветен на овој голем тихувател во манастирот на свети Георгиј во Рајчица, беше отслужено сеноќно бдение, на кое богослужеше архимандритот Партениј, игумен на манастирот Бигорски, заедно со свештенослужителите од братството, свештеникот Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија, и ѓаконот Димче Азманоски.

 

 

            

 

 

На Василиевата Литургија чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Струмички г. Наум и архимандритот Арсениј. Беа осветени славскиот колач и коливо, а после Литургијата беше поставена трпеза на љубовта.

 

 

                                

 

 

Инаку, во женскиот манастир на светиот великомаченик Георгиј во Рајчица традиционално се служи сеноќно бдение на денот на св. Григориј Палама уште од почетокот на изградбата на параклисот, посветен на овој светител и на светите Јован Кукузел и Нектариј Битолски. Откако во 2005 година беше извршено осветување на параклисот во втората недела од Велигденскиот пост (посветена на св. Григориј Палама), присуството на верници на бдението е сè поголемо. Овогодишниот голем број на верници на богослужењето се должи и на тоа што заради совпаѓањето на празникот Благовештение и Велика Сабота, во манастирот Бигорски нема да биде отслужено традиционалното Благовештенско бдение.

 

 

          

 

   

          

                                                                                                                                 

                                                                                                                                  известува: свештеномонах Доситеј

 
Беседа на свети Григориј Палама на Евангелието за фатениот (Марко 2, 1-12)

 

„...Затоа, браќа, и ние денес ќе Го прославуваме Бога со дела, земајќи го ова чудо за пример што ќе нѐ раководи кон творење добродетел. Секој што се препуштил себеси на наслади, со раслабена душа лежи на одарот на сладострастието, со очигледна слабост на телото како последица од тоа. Меѓутоа, кога убеден од евангелските поуки ќе се покае, тој слави победа над своите гревови како и над раслабеноста на душата што тие ја причиниле. Тогаш тој пред Господа ги принесува овие „четворица“: самопрезир, исповедање на поранешните прегрешенија, ветување дека во иднина ќе се воздржува од зло и молитва кон Бога. Тие „четворица“, пак, не можат да Му пристапат на Бога доколку најнапред не го „откријат покривот“ (на душата) и не ги пробијат циглите, глината и останатиот материјал. Покривот е оној словесен (разумен) дел на душата што се наоѓа над сѐ она што е во нас и во себе содржи мноштво натрупано „вештество“, а тоа е нашата врска со страстите и земните нешта. Значи, кога гореспомнатите „четворица“ ќе ја раскинат и отфрлат оваа врска, ние навистина можеме да бидеме спуштени (пред Господа), т.е. вистински да се смириме, да припаднеме пред Господа и да Му пристапиме, од Него да побараме и да добиеме исцеление.

...Затоа и човекот со раслабен дух, со вера припаѓајќи кон Господа, веднаш од Него слушна „синко“, и прими и отпуштање на гревовите и исцеление. Покрај тоа, доби и сила да го земе одарот на кој лежеше прикован и да го понесе. Под „одар“ се подразбира телото во кое почива умот, со посредство на кое умот се предава на грешни дела, следејќи ги телесните нагони (похоти).

А кога ќе се исцели, нашиот ум го води и носи нему потчинетото тело, со кое сега се пројавуваат плодови и дела на покајание. Оние што го гледаат тоа, Го прославуваат Бога, гледајќи го денес како евангелист оној што вчера беше митник, како апостол оној што беше прогонител, како богослов оној што беше разбојник, како син на Отецот Небесен оној што до неодамна живееше меѓу свињите и, ако сакате, тие истовремено го гледаат и восходот на она што му е положено во срцето и неговото вознесение од слава во слава, додека секојдневно напредува кон подоброто (повозвишеното). Затоа Господ и им вели на Своите: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Небесен (Мат. 5, 16). Господ не го вели ова како заповед да се истакнуваме самите себе, туку како заповед да живееме богоугодно. И како што светлината лесно го привлекува кон себе човековиот поглед, така и богоугодниот живот, заедно со очите на човекот, ги привлекува кон себе и неговите мисли. Кај светлината на сонцето не го фалиме воздухот што учествува во нејзиниот блесок, туку сонцето кое во себе го носи и содржи изворот на нејзиниот блесок. И ако дури и воздухот го фалиме како она што е светлоносно, колку повеќе ќе го фалиме самото сонце? Така е и со човекот којшто со добродетелни дела го пројавува блесокот на Сонцето на Правдата: тој и другите, штом ќе го видат, ги приведува до прославување на Небесниот Отец и Сонцето на Правдата – Христос.

Оставајќи ги сега на страна и поголемите добродетели, ќе ви го кажам следново: кога, стоејќи заедно со вас пред Бога во светата Црква, ќе се свртам и ќе погледам на оние што свесно и скрушено Му вознесуваат на Бога песнопенија и прозби или, пак, ќе видам некого каде молчејќи стои и внимателно слуша со собран ум, тој еден единствен поглед ме исполнува со радост и восхит и јас Го прославувам Отецот, Кој е на Небесата и Христа, без Кого никој не може да чини ништо добро и преку Кого се совршува секој човеков напредок...“ (извадок од книгата „Господи, просветли ја мојата темнина“ – собрани беседи на свети Григориј Палама)

Оче свети Григориј, моли Го Бога за нас!