Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Бдение во Охрид (06.04.2007)

Во Дебарско-кичевската епархија службата на Велики Петок започнува со Бдение и читање на 12 страсни Евангелија за страдањата Христови на утрената богослужба, која за таа цел се служи во четвртокот вечерта.

Владиката на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј богослужеше во црквата на св. гeоргиj во Струга, во сослужение на протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Темелко Доневски, свештениците Ристе Ристески, Петре Бојчиноски, Игор Никовски, како и ѓаконот Димче Азески. Службата започна во 19.00 часот и траеше до 22.30. На почетокот Владиката го започна читањето на првото евангелие, во кое евангелистите ни ги предаваат настаните кои претходеа на Воскресението Христово: тајната вечера, миењето на нозете на учениците, предавството на Јуда, предавањето на првосвештениците, биењето и распнувањето на крст, и положувањето во гробот. Потоа свештениците според редот ги продолжија читањата.

Црквата беше исполнета со голем број на верници, кои со побожно внимание  и запалени свеќи го проследија сето читање на Евангелијата. Интересен е обичајот кој е задржан во Струга од страна на православните верници за оваа вечер. Имено, во текот на денот мноштво верници доаѓаат во црквата и пред иконостасот, на стасиидите од двете страни на ѕидовите, оставаат мали кошнички врзани со црвени платна, а во нив ставаат по нешто од облеката која ќе ја носат за Воскресение Христово - Велигден.

Владиката г. Тимотеј по читањето на петтото Евангелие со големо внимание од олтарот го зема светото Распетие, свештенослужителите ги зедоа иконата на Богородица и на св. Јован Крстител, и заедно со ѓаконот со кадилница со три пати вртење го поставија Распетието на средината од храмот. Откако му се поклонија и го целиваа, пристапија и верниците, а потоа службата продолжи според својот редослед.

На крајот Владиката се обрати со поучно слово кон верниот народ и откако го благослови им објави дека на трет ден Велигден во вторникот (10.04) ќе богослужи света Литургија во истиот храм.

 

                

 

                                                         

 

            

 

известува: свештеник Игор Никовски