Воскресение на умот (06.04.2007)
Благодатното учество во спасителните за нас настани од животот на Богочовекот Христос, кое Црквата литургиски ни го овозможува во својот годишен циклус на чествувања, не треба да се ограничи само на неговата надворешна пројава и значење туку треба да се открива и доживува и во неговата внатрешна суштина и димензија. Така на пример, за да може вистински да учествуваме и да ги доживееме деновите од Страсната Седмица - Великиот Петок, Великата Сабота и Неделата на Воскресението, односно за да може вистински да учествуваме и да ги доживееме Христовото распнување, Христовото погребение и Христовото воскресение потребно е и во својот личен духовен живот да ги поминуваме трите духовни нивоа - од чистење на срцето од страстите, преку просветлување на умот, па сè до обожение на целиот човек (и душа и тело).
Трите случувања од животот на Господ Исус Христос - распнувањето на Крстот, тридневното погребение и од мртвите воскресение, се отсликуваат и одговараат на трите нивоа од личниот духовен живот и растеж на секој христијанин - чистењето на срцето од страстите, просветлувањето на умот и обожението на личноста. Овие три нивоа од личниот православен духовен живот се познаваат и се определуваат од три молитвени состојби на умот. Го истакнуваме умот како критериум затоа што и падот и исцелението на човекот започнуваат од него. Паднатиот ум е горд, расеан и затемнет. Исцелениот ум е смирен, собран во молитва и просветлен. Молитвата е дијалог и заедница со Бога - Света Троица. Таа, според светите Отци, е највисок креативен чин и дострел на човекот. Молитвата е присуство и дело на Светиот Дух Господ во човекот: никој не може да Го нарече Исуса Господ освен преку Светиот Дух (1 Кор. 12, 3).
Првата молитвена состојба на умот се случува кога човекот, во дух на покајание, потпомогнат од својата волја и желба го собира својот ум во зборовите од молитвата: Господи Исусе Христе помилуј ме (нè). Чистата молитва е предвесник на крајот од оваа молитвена состојба и премин во друга. Умот го приковуваме на крстот од зборовите на молитвата и не му даваме да лута и да се расејува по светот. Тоа е распнување и Голем Петок за умот.
Втората молитвена состојба на умот се случува кога човекот, во дух на покајание, потпомогнат од својата волја и желба го собира својот ум во зборовите на молитвата, но овој пат внатре во своето доволно очистено и отворено срце. Оваа молитва, која се нарекува и умносрдечна, е посебен дар Божји. Чистата молитва е предвесник на крајот и од оваа молитвена состојба и премин во друга. Умот собран во зборовите на молитвата го погребуваме во длабочините на нашето срце и тој станува мртов во однос на световните грижи и привлечности. Тоа е погребение и Голема Сабота за умот.
Зошто токму првата молитвена состојба на умот, а не втората, ја нарекуваме Голем Петок и распнување на умот кога гледаме дека и во двете постои моментот на собирање на умот во зборовите на молитвата? Затоа што на првото ниво од личниот духовен растеж човековото срце е сè уште заробено од страстите и зaтворено за умот. Умот сè уште не ја познава привлечноста, утехата и заштитата на Божјата благодат која од моментот на светото Крштение пребива во срцето и затоа човекот постојано растрган од страстите со голем напор и борба се труди да го прикова (умот) во зборовите од молитвата.
Третата молитвена состојба на умот се случува кога иако човекот спие, или разговара, или чита, или што било друго прави, неговиот ум истовремено пребива и во зборовите на молитвата, соединет непрестајно со своето срце. Оваа молитва, која се нарекува и непрестајна умносрдечна молитва е извонреден дар Божји кој, според светите Отци, го добива само (едвај) еден подвижник во секоја генерација. Кога умот се наоѓа во оваа молитвена состојба, може да му се случи Божјо грабнување (или екстаза) и гледање на несоздадената Божествена светлина. Созерцанието на Божествената светлина е предвесник на крајот од оваа молитвена состојба. Тоа е Воскресение на умот.
Доколку сакаме вистински да учествуваме и да ги доживееме Христовото распнување, Христовото погребение и Христовото воскресение потребно е, водени од нашиот духовен отец, да поминеме низ трите нивоа на духовно растење - чистење на срцето, просветлување на умот и обожение на севкупниот човек, односно потребно е да поминеме низ трите молитвени состојби на умот - неговото распнување во собраност, неговото погребение внатре во благодатниот простор на срцето и неговото воскресение проникнато од Божествената светлина.
Колку човек го чисти своето срце, толку се просветлува неговиот ум и толку се обожува како неповторлива личност. Колку умот ќе го приковаме и распнеме во собраност, толку ќе го погребеме во срцето и просветлиме и толку ќе го обожиме и воскреснеме. Немаме многу избор, или умот ќе ни биде расеан преку страстите по светот или ќе ни биде собран преку молитвата во Бога. По молитвите на нашата Владичица Богородица и Секогашдева Марија и по молитвите на големиот молитвен тихувател и наш учител свети Григориј Палама, нека ни дарува нашиот Господ Исус Христос да го пронајдеме Царството Небесно внатре во нас и Воскресениeто со Него уште во овој живот, како предвкус на вечниот!
Христос воскресе!
Митрополит Струмички г. Наум