Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Светото Христово Воскресение, Скопје (08.04.2007)

Најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, во Република Македонија најмасовно беше прославен во Скопје, во соборниот храм на свети Климент Охридски, каде со Воскресната Литургија чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. На Литургијата меѓу многубројниот присутен народ беше и премиерот на Владата на Република Македонија г. Никола Груевски, како и многу други видни личности од јавниот живот во Републиката.

 

 

                        

 

 

 

                                      

 

 

 

                    

 

 

                                                    

 

Порака изговорена на полноќ на Велигден пред Архиепископскиот соборен храм на Свети Климент Охридски од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан

 

Возљубени празникољупци,

Еве, пак сме  пред најголемото чудо во историјата на светот и човекот, пак сме пред празниот гроб, зашто - Христос воскресна!

Како што и Самиот прорече: „разрушете го овој храм и за три дена ќе го подигнам”, - така и се случи! Но, тогаш кој можеше да разбере дека Тој, всушност, мисли на Своето Тело, на Себе.

Обвинетиот без причина, Осудениот без вина, Распнатиот на крст како најголем злосторник и погребан во гроб – воскресна! – Гробот немаше сила да Го задржи, зашто смртта беше немоќна наспроти Изворот на животот!

Како човек беше положен во гроб, но како Син Божји и како Сесилен – воскресна од мртвите. Со тоа, со воскресението, Христовиот гроб стана - живоносен гроб! – Во тоа е големината на најголемата Тајна, на Тајната над сите тајни – Тајната на Воскресението.

Гробот не можеше да ја задржи во себе незајдливата Светлина, вистинската Светлина, Која дојде во светот и од Која изгреа Денот, - Денот што значи вечност. Затоа секој Велигден, секое Воскресение го доживуваме како изгревање на вечната Светлина, Која што просветлува сè: и човечките души и сите созданија. 

Возљубени во Господа,

Еве, речиси, две илјади години сме чеда на вечната Светлина и синови на Денот – Јас сум воскресението и животот, кој верува во Мене и да умре, - ќе живее” (Јован 11, 25). Оваа вистина е суштина на нашата вера, зашто ако Христос не воскресна, празна ќе беше и нашата проровед, празна ќе беше и вашата вера и, ако пак, само во овој живот се надеваме во Христа, - тогаш ние сме најнесреќните од сите луѓе (сп. 1Кор 15, 14 и 19).

Но, Христос воскресна, со тоа човечкото достоинство стана вечно и неуништливо. Затоа, сите кои веруваат во Христа – совоскреснуваат со Него во нов живот! Откако Христос воскресна од мртвите... смртта веќе нема власт над Него. Оваа радост први ја разбраа апостолите, мироносиците, чуварите на гробот и таа вистина ја примија и продолжија сите христијански генерации, еве, до денес.

Во светлината на тој спасоносен настан и да му се радуваме на животот! Денот на Воскресението е ден за радост, радост со која треба да му посведочиме на овој свет и на ова време дека таа радост никој не може ниту да ни ја даде, ниту да ни ја земе.

За нас, христијаните во Македонија, можеби како никаде на друго место, радоста на Велигден, радоста за воскреснатиот Господ, била единствената радост којашто никој не можел да ни ја пороби и тогаш кога ни ја поробувале Татковината, или да ни ја намали кога ни ја делеле и распарчувале. И тогаш, иако тажни заради изгубената слобода - сме се радувале на воскреснатиот Господ; исто така и кога ни ја укинувале и уривале древната духовна Столица во Охрид, и тогаш, иако тажни по нашата Мајка Црква, пак сме се радувале за Велигден, со надеж дека кога-тогаш ќе воскреснеме, - и како држава, и како Црква.

И по милоста Божја, еве, ние сме сведоци на нашето македонско воскресение! Она што генерации го посакуваа, она што беше сон за многу македонски синови и ќерки, за многу наши духовници, преродбеници и вљубеници во Македонија и во нашата Охридска Црква – стана наша стварност. Оттаму, нашата Татковина и нашата Црква треба да ни бидат наша постојана воскресенска радост! Каде и да сме - да ги чуваме, за и тие да нè чуваат: со повеќе слога, со потребно единство, со вистинска национална и духовна стратегија, со побројни рожби во семејствата и со духовна надградба, кај сите, особено меѓу новите генерации, со повеќе младост и со нови перспективи за посигурен и економски посилен живот, со потребна умешност да ги продолжиме и надградуваме духовните вредности, коишто изобилно ни ги оставиле нашите постари – само тогаш ќе можеме да се надеваме и на подобри и на порадосни денови и времиња, за Македонија, а со неа и за Македонската Православна Црква и за сите луѓе со добра волја во оваа наша прекрасна Татковина.

Да му се радуваме на Воскресението и да ги исполнуваме пораките на Воскреснатиот Господ! Велигден ќе ни биде вистински голем Ден, само ако живееме богоугодно и доколку создаваме големи – воскресенски дела!

 Христос воскресе!